Од 16. до 19.07.2025, Битола беше домаќин на единствениот Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција 2025 “. Во четирите фестивалски денови настапи имаа гости од Грција, Португалија, Бразил, Унгарија и Русија, покрај веќе етаблираните музичари од Македонија. На последната вечер беше одржан Саем на ракотоворби со ЗУР Македонски ракотворби, а во музичкиот дел настапија Reggetiko Project од Грција, Vedan Kolod – Русија, Balklavahau – Португалија, Кочани оркестар – Македонија.Проектот Reggetiko е музичка средба помеѓу луѓе со многу различни креативни корени, кои ја делат истата љубов кон креативната импровизација. Сибирската фолк група Vedan Kolod, е позната по својата автентична музика и интернационални успеси.
Balklavalhau од Португалија е бенд „роден ” како резултат на група луѓе од различни делови на светот кои почнаа редовно да се среќаваат во текот на 2020 година во стара таверна во Порто, Португалија, споделувајќи го своето знаење и страст за балканското, турското и блискоисточното музичко наследство.
Кочани оркестар, предводен од трубачот Неат Велиов, е еден од најпознатите и најпопуларните блех-оркестри во светот. Од многубројните настапи посебно ги истакнуваат настапите во светски познатата Моцарт сала во Виена, потоа на најголемиот џез-рок фестивал во Данска пред 100 илјадна публика.
Нивната музика е составен дел од неколку филмови како: францускиот филм “Мондо”, белгискиот филм “Животот на дервишот” кој се снимаше во Македонија, италијанскиот филм “Животот на циганите”, а правеле музика и за ТВ реклами во Турција. Фестивалот беше отворен со солистичкиот концерт на Кокан Димушевски. Локум фест е единствен ваков фестивал во Македонија и на Балканот кој ги спојува традиционалната градска музика со fusion & world music, и зад себе има преку 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена , што годинава беше и слоган на фестивалот „Наследството како сцена“. Инспирацијата за Локум фест доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната , сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура и др. Локум фест е фестивал кој повикува на средба, помеѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам као дел од локалната и национална туристичка понуда. Локум фест е член на Most music, Without borders, EFFA, и други регионални и европски фестивалски асоцијации. Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори без наплата на средства и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест 2025 г.
Фотограф: Саше Богоевски.