Претставата „Јулие Цезар“, култната политичка драма од Вилијам Шекспир, која премиерно беше изведена во рамките на фестивалот Сплитско лето, носи едно ново читање, нова адаптација на текстот, чија актуелност никогаш не опаѓа. Во читањето на режисерот, Цезар останува присутен дури и по смртта, а заплетот опфаќа различни историски периоди. Претставата беше изведена во Диоклецијановата палата, место кое носи своја историја на империја, авторитет и конечен пад.
„Кога се работи големо дело, мора да дојдеш со спремна екипа, што знае што сакаме сите заедно да постигнеме, и тоа, не е лесно, да се постави Шекспир за 40 дена“, вели режисерот Ријани.Имено она што исто така привлече внимание, беше токму македонската екипа во оваа претстава, почнувајќи од режисерот Ќендрим Ријани, асистент на режисерот Иван Јерчиќ, сценографот Валентин Светозарев, костимографката-Марија Пупучевска, добро познати на македонската театарска сцена. После премиерата режисерот ни рече: „Реакциите на публиката беа прекрасни. Кога се работи претстава на екстериер, никогаш не можеш да имаш контрола над се. Тоа е голем проблем, голем предизвик, особено во центарот на градот, кога има толку многу туристи. Предизвик беше да ги водиш режисерските идеи до крај. Од реакциите на публиката се гледа дека постигнавме нешто. Дефинитивно беше успешна претстава“.
За тоа зборува и наградата „Јудита“ за најдобро уметничко достигнување во драмската програма, која главниот медиумски спонзор на 71-от Сплитски летен фестивал, дневниот весник „Слободна Далмација“, му ја додели на првенецот на Хрватскиот народен театар Сплит, Мијо Јуришиќ, за улогата на Марко Брут во претставата.„Кога наидов на Сребрената Порта, веднаш почувствував дека моето дело конечно го пронајде своето природно место. Оваа порта стана влез и излез во Цезаровиот „Капитол“, а Цезар беше оживеан на сцената од брилијантниот актер Трпимир Јуркиќ. Дивата архитектура, релјефите на ѕидовите, автентичните камења – сето ова стана драматуршки партнер на оваа претстава“, вели Ријани кој за прв пат работеше претстава во Хрватска. „ Не сум бил ни на некој фестивал со претстава овде. ХНК Сплит е добар театар, има добра актерска екипа, добар буџет за претставата, има разлика во основниот начин на глумење, можеби во Македонија повеќе ни врие крвта на сцена, овде има некој германски стил на играње, но и тоа е добро, во различноста е и убавината на оваа професија“.
Неговите претходни Шекспирови продукции („Венецијанскиот трговец“, „Магбет“) се познати по нивната остра политичка острина.„Јулие Цезар е на првото место меѓу класичните дела како најполитичка драма, првенствено поради нејзиниот главен лик – можеби личноста со најголемо влијание во светската историја.
„Кога во Сплит ме поканија да работам за Сплитско лето, директорот, уметничкиот директор, првата негова желба беше да работам големо предавство, големо дело. Така дојде до идејата да го поставам Јулије Цезар на сцена, пред се и заради римската историја, римската култура што е во Сплит, можеби единствен град на Балканот каде живеел римски цар, тука е Диоклецијановата палата, Диоклецијан е наследник на Јулије Цезар и тоа дело е актуелно секогаш, најголемото политичко дело во светот на драматургијата, моментално и политичката насока на светот се води слично, и така се вклопија толку многу работи. „Јулије Цезар“ никогаш не е поставена во ХНК Сплит, никогаш не била поставена ни на фестивалот Сплитско лето, па еве за 71.издание, тоа го постигнавме“.Главната сила на ова дело, вели режисерот е идеолошкото суштество на Цезар, кое подоцна го нарекува „тиранин“, е сè уште живо денес. И покрај интелектуалниот и културниот развој, народот често се однесува како човек од новиот век, во чии вени циркулира еден вид „Стокхолмски синдром“ кон сопствените водачи. „Во мојот концепт, се обидов, преку безвременскиот Цезар, да отворам неколку прашања – не само за политичката тиранија како колективна закана, туку и за олигархиско-политичката тиранија што ја загрозува слободата на индивидуалното мислење. Историјата се повторува во нови ликови.
„ Па да, апсолутно, светот пати од таква политика што секогаш се бара од народот, особено оние политичари кои се обновуваат на секои 50 години како идеологии, во име на правдата, во име на демократијата, земјата, власта и после, првата работа што тие ја прават, преку нивната моќ, прават неправда и ја ризикуваат демократијата, и затоа и некаква порака имавме на крај на претставата или прашања, поставуваме. На крај на претставата преку монологот стои пораката дека Шикспир предвидел дека оваа идеологија на Цезар ќе се повторува неколку пати во светот на секои 50 години и затоа е актуелен, ние се трудиме да предвидиме нешто, ние некако сме во ризикот и друг вид на тиранија, тоа е олигарската тиранија, кога моќните луѓе влезени во политиката, може да бидат и најризичната и најлошата тиранија и олигархија и тиранија тоа е најризична мешавина“.
Ја споменавме македонската екипа на оваа претстава со која Ријани долго време соработува.
„Тино и Маца и Тримор се моите сработници на секоја претстава особено кога се бара од мене да поставам големи дела, тогаш никогаш не можам да работам без нив. Овој пат од ХНК Сплит, имав понуда да можам да земам само еден соработник со себе, а другите да ги земам од Хрватска, ама на крај успеав да земам само еден од Хрватска и другите да ги донесам од Македонија. Бидејќи, кога се работат големи дела, немаш време и да запознаеш нови луѓе за соработка. Кога се работи големо дело, мора да дојдеш со спремна екипа, што знае што сакаме сите заедно да постигнеме, и тоа, не е лесно, да се постави Шекспир за 40 дена. Тука имате актери кои се и во други претстави. Овој пат со себе го имам и Иван Јерчиќ, како асистент и како преведувач, но реално, најмногу ми помогна во насока на креирањето на претставата“.На премиерата своите впечатоци со нас ги подели сценографот, битолчанецот Валентин Светозарев. „Пред се сакам да го поздравам твојот ентузијазм, што не следиш секаде и секогаш македонската култура воопшто. Тоа е акцент на театарот и навистина е благостов да се има човек како тебе, кој ги информира нашите луѓе во Македонија и пошироко, за тоа што и како правиме ние во светот“, ни рече на почеток.
Ова не е негова прва сценографија поставена на Сплитско лето.
„Јас ја имав таа среќа пред 7 години, да работам на овој ист фестивал, и да направиме одлична претстава, Орестија. Таа година стана и најдобра престава во Хрватска. Еве после години се вративме во еден прекрасен простор, Сребрената врата на Диоклецијан, новата палата. Верувам дека успехот од пред 7 години може да го повториме на најдобар можен начин. Успеавме да го внесеме нашиот дух кон хрватскиот, кој е прекрасен и многу близок на нашиот и сите заедно да направиме еден производ кој, мислам, дека долго ќе го паметат сите ние што беа на претставата“.
Да се биде во Сплит е навистина едно големо искуство и голем предизвик.„ Стоите пред еден објект кој во себе има страшна историја и страшни вредности. Не треба прво да го навредите тој објект, ама не треба па и анемични да бидете. Мора да се најде некоја, златна средина и сето тоа да биде повторно во некаква корелација со преставата“.
„ Јас имам потекло од Хрватска и возбуден сум после премиерата, нормално се помина во најдобар ред. Со оглед на тоа дека работевме во екстериер и во екот на сезоната имавме доста проблеми со гужва и намалена концентрација, но на крајот се испадна како што треба. Ансамблот на ХНК Сплит го познавам од поодамна. Го гледав на многу нивни претстави. Огромно задоволство е да се работи со овие луѓе, имаат прекрасен ансамбл и луѓе што навистина знаат и да комуницираат театар и да работат едни со други. Се надевам дека направивме претстава која кореспондира со денешницата, тема која е актуелна секогаш, нешто што за жал постојано ни се повторува и грешки од кои човештвото низ годините нема научено ништо“, вели асистентот на режија Иван Јерчиќ.Костимографката Марија Пупучевска ни изјави: „Самото дело беше предизвик за да се работи, второто нешто е предизвик со Кендрим да се работи и со моите соработници како Валентин Светозарев а и со композиторот Тримор, но и задоволство.Исто така голем предизвик беше самиот Сплит и ХНК. Мотивација ми беа и актерите кои заедно чекореа со мене и ги прифатија сите мои сугестии. Тоа беше само еден плус да работам со нова екипа, во ново место, во нов простор“.
На самата премиера покрај интендантот на ХНК Сплит, Вицко Биланџиќ, присуствуваше и претседателот на Хрватскиот културен центар од Битола, Бранко Маретиќ, музичарот Бранко Шпољариќ од Чоканче и други поддржувачи и пријатели на екипата од Македонија.Драматург е Карла Леко. Главните улоги ги толкуваат Трпимир Јуркиќ, Мијо Јуришиќ, Горан Марковиќ, Донат Зеко, Петра Ковачиќ Ботиќ, Никша Арчанин, Зорана Качиќ Чатиповиќ, Ана Марија Веселчиќ, Здеслав Чотиќ, Стипе Јеласка, Лука Черјан, Зравко Вукелиќ, Моника Вуцо Царев, Лара Јерончиќ. Композитор е Тримор Дорми, кореограф Сташа Зуровац, видео дизајнер Драган Ѓокиќ, дизајнер на светло Срѓан Барбариќ, дизајнер на звук Иван Шушњара, скулптор Тео Баучиќ, јазичен советник Анита Руњиќ Стоилова, превод Милан Богдановиќ и Мате Марас, инспициент Соња Дворник.