Во UTOPIA се одржа промоцијата на книгата „Берлин, градот што не го засакав на прва“ од Енис Хилми. Во атмосфера на внимателно слушање и искрен разговор, книгата се отвори како интимен патопис, исповед и лична мапа на еден град што прво одбива, а потоа засекогаш останува. Енис Хилми зборуваше за животот меѓу Охрид и Берлин, за годините поминати во движење, за чувството на туѓина и постепеното прифаќање, но и за пишувањето како начин да се сочува личното време. Книгата, добитничка на наградата „Новите!“ за 2024 година (во издание на „Темплум“), беше претставена токму онаква каква што е …тивка, внимателна и длабоко човечка.
Хилми припаѓа на онаа ретка група авторки што не пишуваат за да објаснат, туку за да сведочат. Нејзиниот прозен глас е ненаметлив, но прецизен. Таа пишува за градови и патувања, но уште повеќе за внатрешните поместувања што тие ги предизвикуваат, за чувството на припадност, за осаменоста, за времето што тече помеѓу два дома. Во оваа книга таа ја избегнува романтизацијата и големите гестови, избирајќи ги малите детали и секојдневните сцени преку кои градот постепено станува личен.
Разговорот го водеа Никола Гелевски и Пеце Талевски, кои ја претворија промоцијата во вистинска книжевна средба. Никола Гелевски, писател, есеист и уредник во издавачката куќа „Темплум“, еден од најпрепознатливите гласови на современата македонска книжевна сцена, со остар критички поглед и длабоко чувство за текст и контекст ѝ даде јасна рамка на книгата и нејзиното место во современата проза.
Пеце Талевски, продуцент и културен работник од „ОХО“ продукција, со долгогодишно искуство во создавање и курирање авторски и независни културни проекти, ја водеше дискусијата како внимателен читател и соговорник што знае да ја отвори падината кон читање на книги, но и бескрајна почит за македонските изданија. Заедно, тие создадоа разговор кој течеше суптилно вклучувајќи ја и публиката. Оваа вечер уште еднаш потсети зошто Книжевниот клуб UTOPIA е важен дел од културната мапа на Битола. Не како уште еден простор за настани, туку како место за средби, место каде што книгите не се декор, туку повод, не се бројка, туку разговор. UTOPIA отвори простор за разговор помеѓу автори и читатели, помеѓу локалната сцена и современата македонска и светска литература, помеѓу секојдневието и мислата. Во град што некогаш повеќе читал, а сега има само две книжарници, ваквите разговори за книга се како културен чин.
фотограф | Сашо Стојановски


