По фантастичниот распродаден концерт во македонската Филхармонија по повод издавањето на првиот албум „Ехо“, Зарина Првасевда објавува уште три нови датуми и градови во кои ќе одржи концерти придружувана од нејзиниот ансамбл.
На 13ти Октомври во Центарот за култура во Битола, таа ќе одржи свој концерт -промоција на нејзиниот прв официјален студиски албум, кој неодамна излезе под етикетата на Croatia Records, која важи за најголема и најпродуктивна издавачка куќа на Балканот од ваков тип.
Пред Битола ќе настапи во Кочани во градскиот парк на 8 ми октомври. Веднаш после Битола потоа следува концертот во Демир Хисар на 14 октомври во Дом на култура “Илинден”, почеток 20 ч.
Е.З.- Албумот е збирка од 11 традиционални песни од Балканот и истиот е отпеан на 5 јазици. Го крстивме „ЕХО“ како симболика на она ехо кое одекна на Баба Планина, на врвот „Пелистер“, што официјално можиме да го третираме како почеток на она што денес е Зарина Првасевда. Албумот е соработка со многу музичари од земјава и надвор и истиот си го најде својот дом под капата на Кроација Рекордс, како издавач. Сниман е во Скопје, во Студио Подрумот, кај единствениот Ангел Ќосев, кој е и мој тон мајстор на престојните концерти.
На кој јазик ти беше најголем предизвик да пееш?
Е.З.- Не постои јазик кој е предзвик кога срцето е кормилото. Јас верувам само во еден јазик а тоа е звукот на срцето, емоцијата и љубовта како епилог од целото тоа. Токму затоа овој албум излезе на повеќе јазика, што е потврда за тоа дека иако човек не говори одреден јазик, не му е мајчин и сл. со многу љубов и интерес , со искрена желба се наоѓа начин и решение да се искомуницира одредена информација. Се радувам секогаш кога било како можам да ги прегрнам и оние кои не припаѓаат на одредена група во која јас припаѓам , а на крајот на денот стои и пораката дека е бесмислено да се групираме било како кога станува збор за работи што го засегаат емотивното на човека,затоа што таму сме сите кревки, едноставни, кршливи…
Каде досега беше презентиран албумот ?
Е.З.- Првиот промотивен концерт се случи во Македонската Филхармонија и истиот помина одлично, покрај другото беше распродаден до последна карта. Тие кои бевме на сцената и оние од другата страна, кои отпосле ми пристапија да ми споделат импресии, беа речиси исти. Се случи синергија, како да излеговме од оваа реалност додека траеше тоа. Јас навистина не се сеќавам ни кога поминаа два саата, беше како сон.
Што можат посетителите да очекуваат во Битола?
Е.З.- Во Битола ќе биде многу интимно и емотивно. Битола ми е вториот дом а со тоа ме обземаат едни малку поразлични емоции, кои мислам дека позитивно ќе влијаат на се она што ќе го видат и чујат присутните таму. Ќе се свири „ЕХО’’ и нешто малку што ќе најави на каде се движиме следно… Но, не би сакала да откривам многу, нека остане нешто и за изненадување.
Дали имаш посебна еуфорија или позитивна трема можеби за тие концерти( Во Битола и Демир Хисар посебно)?
Е.З.- Се разбира. Да се пее дома, пред своите луѓе, луѓето кои ме гледаа кај што растам, ги сведочеа моите тинејџерски трагања по себеси, моите први љубови…Секако дека влијае да се чувствувам дополнително возбудено но и нетрпеливо, да споделам што се открив, научив и разбрав низ годиниве кога не сум физички присутна таму. Едвај чекам…
Дали ќе имаш специјални гости?
Е.З.- Да, ќе има. Но да не ја рониме магијата, ќе си ја отворат кога ќе ни дојдат.
Албумот се најде и на прво место по слушаност на една листа. За што се работи?
Е.З.- Постојано ми стигнуваат известувања на е-маил дека албумот или одредена песна се слушала или се нашла на некоја листа некаде низ светот, а тоа е се разбира одлична поддршка за „ЕХО“ и потврда дека сме направиле нешто добро зошто е фидбек од луѓе кои реално не ме познаваат мене како Зарина, ниту пак се поврзани со нашата култура, јазик и сл. , па сметам дека е многу пообјективно. Овојпат беше известување од Merging Arts Global Radio, дека за таа недела мојот албум беше прв на листата на слушани албуми.
Оваа година како претставник од Македонија, беше селектирана да биде дел од интернационалната програма МОST, која претставува платформа која нуди едукација но и поврзување и вмрежување на артисти,менаџери, фестивали и институции низ Европа. Таа очекува дека годината што следи ќе биде полна со нови можности, авантури, простори за едукација, многу музика и радост.
Е.З.- Засега се се одвива онака како што бев испланирала, за оваа година, вбројувајќи ги и концертите што следат, сметам дека Македонците имаа/имаат доволно прилики да дојдат заедно да и се радуваме на музиката и бескрајно се радувам на секоја нова можност.. Ќе видиме што уште ќе има до крајот на годината, но за следната дефинитивно фокусот ќе биде оваа музика да ја понесеме во клунот и да ја споделиме и надвор од земјава.
На концерот во Битола Зарина ќе биде придружувана од нејзиниот ансамбл во состав : Ратко Даутовски , Благојче Трајковски , Тони Арслан, Пенче Кралев, Филип Михајловски, Александар Ванчовски, Неврус Бајрам и Петар Лукиќ.
Е.З.- Оние кои сеуште не ја слушнале „ Крај Битола “ , која е една од песните кои се најдоа на мојот прв албум „ЕХО“ , па на 13 Октомври ќе имаат можност да ја слушнат во живо во Центарот за култура во Битола, а таму јас и мојот ансамбл ќе се потрудиме да ја донесеме и да ја споделиме во полн жар сета магија која оваа музика во изобилство и раскош ја нуди. Она што за сигурно го знам е дека ќе имаме можност заедно да ја одживееме секоја нота и здив од „ ЕХО’ , преку фреквенцијата на музиката да се прегрнуваме, да плачеме и да се утешиме, да и се радуваме , да ја помилуваме одблизу песната на народот , да ја налееме со љубов и одново да и дадеме крила , онака како што таа заслужува за да лета слободна и да патува се до онаму до кадешто некому е мелем.
Продажбата на билетите по цена од 400 денари е во тек и истите ќе можете да ги набавите во Книжарница Литература на Широк Сокак , Билетарата на Центар за култура Битола или онлајн https://www.karti.com.mk/zarina-prvasevda-ansamblot-eho.nspx а на денот на настанот на врата во Центарот за култура по цена од 500 денари.