Во спортската сала на СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ – Битола се одржа четвртата работилница од проектот „Мостови на пријателство“, поддржан од Европскиот солидарен корпус. Младите од различни етнички и социјални заедници повторно се собраа заедно – да се запознаат, да споделат искуства и да покажат дека различноста не нè разделува, туку нè збогатува.

Работилницата започна со забавни активности за запознавање, каде учесниците преку креативни „име-картички“ ги претставија своите приказни. Следуваше играта „Најди некој што…“, која донесе многу смеа, движење и нови пријателства. Спортската сала брзо се претвори во простор полн со енергија! Преку штафетни и тимски игри, младите покажаа брзина, тимска работа и фер игра. Атмосферата беше исполнета со навивање, поддршка и позитивен натпреварувачки дух.
Покрај игрите, се отворија и искрени разговори кои поттикнаа почит, емпатија и подобро разбирање меѓу учесниците. Посебен момент беше заедничкото дружење со баклава и одбележувањето на празникот Бајрам – уште еден прекрасен пример за споделување култура и традиција.

Со секоја активност се градат нови мостови – мостови на доверба, пријателство и заедништво.
Активностите ги реализираа Михајло Сиљанов и Васко Димитровски, кои преку интерактивни и спортски методи создадоа простор за поврзување, поддршка и активно учество. Енергијата, насмевките и новите пријателства беа доказ дека заедништвото е најсилната врска.
Кога младите се поврзуваат – заедницата расте!

