Home » Водич кон убавините на нашата држава -„Патувања низ Македонија“

Водич кон убавините на нашата држава -„Патувања низ Македонија“

by culturalchat

„ Македонија има многу убавини и оваа книга е првиот предизвик за мене, а ќе има уште многу вакви предизвици. Во план ми се и други работи и нема да застанам тука, но сеуште нема да откривам што конкретно ќе биде. Ја сакам мојата татковина и сакам да ги поттикнам останатите што ќе ја читаат да почнат да ги посетуваат сите овие места“, вака го започна разговорот со нас авторот на книгата ,,Патувања низ Македонија”, која неодамна излезе од печат, Спасе Манев. Книгата е посветена на Македонскиот туризам, на нашите природни убавини. Оваа книга е водич кон туристичките дестинации во Македонија, кои не се толку познати, но се со потенцијал да станат вистинска туристичка атракција, не само во Македонија, туку и во регионот. Книгата содржи повеќе од 200 страници за нашите прекрасни туристички места, исполнети со многу информации за местата и фотографии.

Спасе Манев е туристички водич и администратор на фејсбук групата „Патувања низ Македонија“, вљубеник во природата и авантурите, убавините на Македонија. Околу идејата за книгата Манев ни рече:

С.М.- Идејата да напишам книга почна од пред две години, а почнав да ја пишувам пред 1,5 година. Голем мотив за да почнам да ја пишувам ми беше мојата голема љубов кон Македонскиот туризам и општо кон туризмот и патувањата.

Колку беше голем предизвикот истата да се напише?

С.М.- Предизвикот беше голем. Не може да се опише се во една книга. Македонија има многу убавини и оваа книга е првиот предизвик за мене, а ќе има уште многу вакви предизвици. Во план ми се и други работи и нема да застанам тука, но сеуште нема да откривам што конкретно ќе биде. Ја сакам мојата татковина и сакам да ги поттикнам останатите што ќе ја читаат да почнат да ги посетуваат сите овие места.

Што се опфаќа?

С.М.- Книгата опфаќа места кои скоро и не и се познати на Македонската јавност, но се со потенционал за голема туристичка атракција и места кои веќе се познати, но не се знае доволно за нив. Во книгата има многу фотографии и информации за туристичките места во Македонија. Има многу информации кои не можат да се најдат на интернет, а се напишани во книгата.

Дали местата во книгата се сите посетени од Вас или и од пријатели и познаници?

С.М.- Сите места што се во книгата се лично посетени од мене. Некои од тие места во книгата сум ги посетувал повеќекратно. Сите фотографии што се во книгата се направени лично од мене.

Кое место Ви остави најголем впечаток, а не е толку популарно?

С.М.- Има многу такви места низ Македонија, а доколку треба да изберам едно од местата што сум ги посетил и ми оставило голем впечаток, тоа би било мегалитската опсерваторија Кокино. Иако до местото има добар асфалтиран пат, се наоѓа на околу 1.000 метри надморска височина, со одличен панорамски поглед кон околината, сепак не е толку атрактивно за посетување од страна на Македонците, иако доколку беше во друга држава, сигурен сум дека ќе беше огромна атракција и едно од најпознатите туристички места во светот.

Кои места Ви се на листата за следна посета?

С.М.- Листата е предолга. Најмногу би сакал да посетувам места како споменици на природата, пештери и водопади.

Местата кои сакам да ги посетам наскоро се Ѓаволски ѕид, Кукуље, водопадите Камењане, пештерата Калина дупка, Цуцки, Јудови ливади, гробниците во близина на Маркови Кули, археолошкиот локалитет Исар Марвинци и еден од неколкуте извори со солена вода.

Што би советувале: како да се развие туризмот за поголема посета на нашите места?

С.М.- Државата, институциите и Македонците кои шетаат и истражуваат низ нашата Македонија, да се потрудат повеќе да ја промовираат земјата. Исто така на социјалните мрежи повеќе се промовира странскиот туризам, отколку домашниот. Иако имаме многу места за да им ги покажеме на домашните туристи, но и на странците, за жал не го користиме тоа. Голем проблем е хигиената и инфраструктурата, па за да се покрене домашниот туризам на повисоко ниво, овие работи треба да бидат приоритет за решавање.

Лектор на книгата е Христијан Аџиоски, дизајнери Мартин Ќушкоски и Анче Стаменов, а истата беше испечатена во Печатница Дуле 99.

Фотографии: Спасе Манев.

 

 

 

Related Articles