Home » „Височини“ нов видео запис на група „Фонтана“ сниман во Битола

„Височини“ нов видео запис на група „Фонтана“ сниман во Битола

by culturalchat

Денес премиерно беше објавен видео спотот за „Височини“, новата инструментална композиција реализирана во рамки на авторскиот и изведувачки опус на групата Фонтана.

„Височини“ е современ музички израз инспириран од богатата македонска музичка ризница, во кој традицијата не се третира како минато, туку како жива материја што постојано се надградува. “Композицијата не е создадена по план или нарачка, туку спонтано како тивка идеја родена во движење, за време на раните утрински часови и патувања низ Македонија, кога пејзажите и тишината добиваат сопствен ритам.” – ќе каже композиторот Благојче Трајковски.Композицијата веќе извесен период живее со публиката преку концертните настапи на Фонтана, каде што постојано беше прифаќана со исклучителна емоција и внимание. Токму таа реакција беше мотив таа да добие студиска верзија и да биде документирана со видео запис. Покрај членовите на Фонтана, во „Височини“ учествуваат и истакнати музичари: Петар Христов – сопран саксофон, Зоран Јагоридовски – перкусии, Зоран Костадиновски – гитара. Посебна звучна димензија дава и гудачкиот камерен оркестар составен од инструменталисти од Македонска филхармонија и Македонска опера и балет. Музиката и аранжманот се на Благојче Трајковски. Аудиото е снимено и продуцирано во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, со посветен пристап кон секој звучен детал и динамика.Видео спотот е реализиран на платото пред Офицерски дом во Битола – простор со силна културна меморија и препознатлива атмосфера. Директор на фотографија е Кристијан Теодоров, а монтажата е на Огнен Шапковски. Во видео материјалот како гостин инструменталист се појавува и Горан Трајковски, долгогодишен пријател и соработник на групата Фонтана. „Височини“ претставува музичка благодарност кон сите што веруваат дека македонската музика не треба да се чува како музејски експонат, туку да се живее, развива и пренесува низ нови изрази. Композицијата ќе се најде и на најновиот албум на групата Фонтана, кој се очекува наскоро.

Линк до видео спотот:

 

Related Articles