Home » Виртуозноста на Влатко Стефановски и Танец во Хераклеја

Виртуозноста на Влатко Стефановски и Танец во Хераклеја

by culturalchat

Во рамките на фестивалот „Илинденски денови“,на локалитетот „Хераклеја“ настапија Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и најголемиот гитарист на нашите простори и секако еден од најдобрите во Европа, но и многу пошироко, Влатко Стефановски.

Дефинитивно, проектот „Танец и Влатко“, за кој аранжманите на филигранските македонски ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и антологиските песни „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери, а кои маестрално ги изведуваат хорот и оркестарот на Танец и гостите инструменталисти, на чело со единствениот Влатко Стефановски, ја втиснуваат оваа врвна фузија, ова уникатно парче музика, во аналите на македонската популарна музика.

И Танец и Влатко им се познати на сите музички вљубеници во регионот по нивната уметничка супериорност, но нивните взаемни соработки се нешто посебно, уникатно доживување кое се одвива во една уште повозвишена димензија, посебно инспиративна и за ансамблот и за гитарскиот виртуоз. Така, вчеравечер, никој не можеше да остане имун на музичката игра и еснафското натсвирување на Влатко и вокално-инструменталниот ансамбл на „Танец“, предводен на сцената од маестро Дарко Илиевски.

Од седум- осминските  преку единаесет -осминските ритмови во „Калајџиско оро“, до тринаесет-осмински со „Пелистерско оро“, публиката буквално беше доведена до едно врвно доживување, за што придонесе виртуозноста на Стефановски и Танец. Како гостинка на концертот настапи и Сузана Спасовска.

Танец како национален ансамбл повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа.  Генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот. Танец е бренд кој каде и да настапи на земјината топка ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство.

Влатко Стефановски е стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси пет децениска кариера многупати има настапувано со Ансамблот, и дома и надвор. Тој секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на Танец се неизоставен дел од неговите изведби, Стефановски, освен повремените еднократни настапи со уметниците, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со Ансамблот како целина. Конечно дојде и тој момент кога овие два бренда ја делат сцената на голем концерт.

Стефановски е човекот кој традиционалниот звук го претвори во рок култура и лектира за генерации. Нема дилема и дека овој проект ќе има долг концертен живот, а доказ за тоа е и големиот интерес кој го покажаа организаторите на летните фестивали дома и надвор, па после „Есенски музички свечености“ и словенечкиот „Лент“,концертот синоќа во хераклеја , во магијата наречена „Танец и Влатко“ ќе уживат и посетителите на Античкиот театар во Охрид (на 29 јули).

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles