Македонската виолинистка Пламенка Трајковска, настапи на концерт на престижниот фестивал „Жените од светот“ што се одржа во Истанбул. Таа ја изведе својата композиција со наслов „Ламенто вело’ за соло виолина. Во рамките на музичката програма на фестивалот „Жените од светот“, се реализира програма за композиција и продукција на дигитална музика со наслов „Мојот град мојот глас“ во која учествуваа одбрани музичарки од Турција, Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Како дел од проектот „Мојот град мојот глас“, Трајковска ја создаде композицијата „Ламенто вело“, која се базира на звуците од градот Скопје и на фолклорна тема заедничка за балканските простори. Истата се снимаше во Белград во студиото „Шум“.
За композицијата миксот и мастерингот го прави компанија од Истанбул. Композицијата „Ламенто вело“ ќе биде дистрибурана на сите музички платформи на почетокот од април. Пламенка Трајковска како композитор досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања.
Таа одржа бројни концерти во Македонија, како и во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција. Пламенка редовно работи во Филхармонијата и со „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Проектот во Турција се реализираше со помош на Британскиот совет, организацијата „Beats by girls“ и „Brighter sound“ од Турција.