Она што сме денес, она со кое денешните и идните генерации можат да се пофалат како свое , е она што некој претходно ни го оставил. Ги почитуваме и славиме личностите кои својот живот го посветите на заедницата, на сите нас. Во овој контекст, со наслов “ЖИВОТОТ Е МУЗИКА”, на 11-ти Ноември со почеток од 20 часот ќе се одржи концерт во Офицерскиот дом во Битола, во чест на академик Георги Здравев.
Насловот е изведен од животната максима на Академик Здравев, човекот кој остави незбришлива трага во нашата музичка историја , образование и наследство.
Настанот е во организација на КИЦ Битола и Државниот Архив, одделение Битола, во соработка со Државно музичко училиште.
Учествуваат ученици на Државно музичко училиште – Битола од класите по соло пеење на проф.м-р Маја Митровска, проф.Магдалена Наумоска и проф.Билјана Талевска.
Класа по пијано на проф.м-р Марија Шамоска Буџаковски. На настанот ќе зборуваат м-р Маја Митровска, оперска певица, професор по соло пеење во Државно музичко училиште – Битола, Владо Ѓорески – Рафик, македонски и словенечки графичар, уметник, сценограф, историчар на уметност, Слободан Димитров, правник, адвокат и вљубеник во музиката и пријател на академик Здравев.
Академик Здравев беше долгогодишен професор по музичко образование на Педагошкиот факултет, диригент и автор на многу книги од областа на музиката.Музичка академија заврши во Сараево, Босна и Херцеговина, беше прв магистер и доктор на науки на Факултетот за учители во Битола, каде беше редовен професор до своето пензионирање. Диригент и организатор на повеќе опери и концерти со голем број на познати солисти и оркестри во земјава и странство. Ја изведе првата битолска опера „Орфеј“ во Хераклеја Линкестис, беше автор на повеќе учебници за средно и високо образование и повеќе книги од областа на музиката. Беше академик на Академијата „Платон“ во Бугарија. Добитник на голем број благодарници, признанија и награди, меѓу кои и онаа за животно дело 4-ти Ноември.
Последен проект на Здравев беше проектот “Камерна опера“, кој им го остави на неговите следбенички професорките Марина Коруновска и Маја Митровска.
Музичката програма на концертот во сабота е следната:
- Т. Зографски – Минијатури Оп.6 Бр. 7, исполнува, Изабела Ѓеоргиев VIII одд.
- Сотир Голабовски – Крај езеро, исполнува: Матеа Стојаноска IV клас, пијано: Доминика Робе Поповска
- Т. Зографски – Минијатури Оп.6 Бр. 4,5, исполнува, Тамара Василевска IX одд.
- Борјан Цанев – Цветови, исполнува: Јана Блажевска IV клас, пијано: Доминика Робе Поповски
- Тодор Скаловски – Шарпланинска Приспивна песна, исполнува: Билјана Талевска – сопран, пијано: Билјана Димовска
- Трајко Прокопиев – Вардаре, исполнуваат: Леонид Јанковски, Марко Марковски и Климент Ристески II клас, пијано: Доминика Робе Поповска
- Трајко Прокопиев – Галебе мој, исполнува: Маја Митровска – сопран, пијано: Јана Четелева Белевска
- Трајко Прокопиев – Арија на Симка од оп.”Разделба”, исполнува: Билјана Талевска – сопран, пијано, Билјана Димовска
- Кирил Македонски – Арија на Ката од оп.”Илинден”, исполнува: Билјана Талевска – сопран, пијано: Билјана Димовска
- Кирил Македонски – Арија на Јана од оп.”Гоце”, исполнува: Маја Митровска – сопран, пијано: Јана Четелева Белевска
- Кирил Македонски – Химна за Св.Климент Охридски, исполнува хор на ДМУ – Битола, диригент проф. Лилјана Трајковска Димевски
- Кирил Македонски – Ми подари пролетта сонце (Татковина), исполнува хор на ДМУ – Битола, диригент Лилјана Трајковска Димевски, солист – Алексеј Ивановски I одд.