Home » (Видео) 30 години од премиерата во Венеција и добивањето на Златниот лав за култниот „Пред дождот“

(Видео) 30 години од премиерата во Венеција и добивањето на Златниот лав за култниот „Пред дождот“

by culturalchat

Овие денови во тек е филмскиот фестивал во Венеција. Тоа е момент да се потсетиме на “Пред дождот” кој таму беше прикажан пред точно 30 години и освои “Златен лав”, да се потсетиме на премиерата на најуспешниот игран филм во македонска кинематографија и најзначаен културен производ на Македонија.Првенецот на Милчо Манчевски се појави во период кога домашната кинематографија се освестуваше од долг период на дезориентираност и креативна безизлезност. Во период на редефинирање и барање на сопствениот идентитет. Мораше да се потпре на сопствените сили, а потоа да почне повторно да работи и соработува рамноправно и одговорно со други кинематографери и компетитивни пазари. 35 милиметарската копија од филмот „Пред дождот“ Манчевски ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката.„Пред дождот“ премиерно беше прикажан на 1. септември 1994 година на филмскиот фестивал во Венеција. На 12. септември, Манчевски се закити со „Златниот лав“ и со уште неколку награди, по кои следуваа триесетина признанија на светските фестивали.

 

Филмот беше номиниран и за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата намакедонската кинематографија. „Њујорк тајмс“ го вброи „Пред дождот“ во листата 1.000 најдобри филмови некогаш направени. Во својата филмска нарација, филмот содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Улогите ги толкуваат: Кетрин Кертлиџ, Раде Шербеџија, Кирил Псалтиров, Грегоар Колен, Лабина Митевска, Мето Јовановски, Џеј Вилиерс, Борис Делчевски, Силвија Стојановска, Милица Стојанова, Петар Мирчевски, Илко Стефановски, Симеон Мони Дамевски и други.Продуцент е Горјан Тозија, сценарист Милчо Манчевски, Музиката е на  “Анастасија”, кинематографер Мануел Теран. И после 30 години, македонскиот филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски инспирира нови режисери насекаде низ светот. Rежисерката Лорен Тејлор од Нов Зеланд, во интервју за „НЗ Хералд“ открива дека нејзиното дебитантско дело „Месечината е наопаку“ е инспирирано токму од македонскиот филм. Во промотивното видео пред годинашното доделување на Оскарите, холивудската актерка Глен Клоуз го избра токму „Пред дождот“, кој во 1995 беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм, како дело што ја инспирирало да посака да ја посети Македонија.

„Постои филм што се вика „Пред дождот“ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара (земја) и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, вели во видеото Глен Клоуз која има рекордни 8 номинации за Оскар. „Пред дождот“ е прикажан на над 100 фестивали, прикажан во редовна кино и тв-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од обавезната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми.

Во Кореја „Пред дождот“ се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име. „Пред дождот“ до ден денес уште игра во кинотечните и фестивалските програми насекаде низ светот.

 

 

 

 

Related Articles