Белградскиот бенд NAKED кој ја освојува публиката, не само во регионот ,туку и било каде да настапува низ светот со нивната енергија и квалитетен музички звук, момците кои обожаваат да настапуваат во Македонија за која велат дека е нивни втор дом, го издадоа 5 -от албум по ред. Настапија на Д фестивалот во Дојран, а гостин на нивниот албум е музичар од Македонија. Членовите на Нејкд се Бранислав Радојковиќ (бас), Горан Милошевиќ (тапани, перкусии), Ѓорѓе Мијушковиќ (виолина), Иван Теофиловиќ (кларинет, саксофон). На еден од нивните настапи за промоција на албумот во Будимпешта, ние поразговаравме со нив и еве што ни истакнаа за настапите во нашата земја.
Г.М.- Македонија ни е исто како втор дом. Секогаш таму се чувствуваме добредојдени, и кога одиме да настапуваме таму настапуваме со целото наше срце. Секогаш се чувствуваме убаво таму, публиката го сака она што ние го изведуваме.
Б.Р.- Имаме многу пријатели таму и всушност она што е најубаво е дружењето пред и после концертите. Во Македонија се ни е убаво и храната и сонцето, гостопримството и љубезноста на луѓето. Во Унгарија често настапуваат па така веќе ја надминуваат бројката од 15 концерти.
Г.М.- Прекрасно се чувствуваме во Будимпешта. Овде доаѓаме 15 години така што ова ни е исто како втор дом. Настапуваме често и на Балатон на фестивалот со кој со години сме поврзани.
Б.Р.- Со ова наше гостување ја започнавме нашата летна турнеја од чии рамки се и Штутгард, Амстердам, Белград и Македонија како дел од Д фестивалот во Дојран, Егзит. Следува Германија и други земји. Нивниот 5-ти студиски албум е со наслов Среќна тага. Албумот беше издаден на 11 март за унгарската издавачка куќа NarRator Records, која со години е искрен поддржувач на овој бенд. Покрај албумот, тие го промовираа и вториот сингл од истиот „Белмондо“, за кој снимија и спот, по спотот за песната „Pada mrak“, која беше објавена на 5 октомври. За секој музичар па така и за Нејкд бенд, периодот на пандемија беше предизвик со оглед на тоа што им недостигаше размената на енергија со публиката на настапите во живо.
Г.М.- Кога сето тоа започна подолго време бевме дома, и на некој начин ни одговараше затоа што бевме со семејството заедно. Во тој период имавме настапи, знам бевме во Романија, но тоа беа ретки концерти.
Но од друга страна имаа време да го подготват албумот.
Б.Р.- Го завршувавме албумот со наслов Среќна тага, тој излезе оваа година. Така што тие две години некако брзо ни поминаа.Тој музички наш препознатлив јазик го користиме од првиот албум уште. И понатаму тоа е музика, композиции изведени од 4, 5 луѓе, гостин ни беше Петар Христов, нашиот пријател кој свиреше на сопран и алт саксофон, и на кларинет. Тој го оплемени нашиот звук на абумот.
Г.М.-Инспирација ни беа нашите патувања, љубовта, и Балканот како место каде среќата и тагата се преплетуваат постојано. Од неодамна во Србија се организира еден фестивал чиј концепт започна во Унгарија а продолжи низ целиот свет.
Б.Р.-Да тоа е серија на концерти Babel sound чиј творец на идејата е нашиот издавач од Унгарија и главен директор на фестивалот кој се одржува на Балатон. Тој успеа да направи мрежа на тој концепт на фестивалот и тоа во Барселона, Лисабон, Париз, Амстердам, Будимпешта. Ние повеќе години сакавме да бидеме дел од таа мрежа. Така што тоа ни успеа оваа година во Нови Сад и Белград. Убаво помина, публиката беше доста заинтересирана за фестивалот. На истиот се претставуваат бендови од различни краеви на светот, нешто како ворлд мјузик фестивал, па така на луѓето во Србија им е интересно да слушнат нешто што не слушнале претходно.
Тие настапуваат низ целиот свет и препознатливи се и по своите егзотични патувања. Г.М.- Имаме впечатоци од повеќе земји. Еве ќе го споменам Чиле како врвно ултимејд место каде настапувавме, и кое треба да се посети повторно. Тука е и Индија каде бевме скоро месец дена, и тоа ни беше буквално искуство на животна промена. Јужна Кореја исто така каде не дочекаа како да сме Битлси, не чекаа фанови пред врата да им дадеме автограми, да им се потпишеме на маиците и слично. Место каде во секој случај ја ценат уметноста и уметниците. Б.Р.- Јас би ја споменал и Латинска Америка, Чиле, Аргентина, Бразил, места каде има одлична енергија, и би сакале повторно да се вратиме таму.
Музиката од новиот албум привлекува огромно внимание кај пошироката и експертска јавност, се емитува на радио станиците ширум светот, добива критики во онлајн и печатените медиуми. Албумот „Среќна туга“ исто така се најде на ТОП 10 листата по избор на панелистите на Балканската светска музичка топ листа за првиот квартал од 2022 година. Нејкд бенд за оние кои не се доволно запознаени, е врвен бенд од Белград, чија музика се заснова на уникатен микс на глобален урбан грув зачинет со балканска традиција и фри џез. Нивниот корпулентен и жесток спој на традиционалното музичко наследство на Балканот, со елементи на свинг и фри џез е саундтракот на бескрајната потрага на бендот по вистински музички идентитет. Основани се во 2006 година во Белград. Веднаш го привлекоа вниманието на тамошната публика и се истакнаа на српската музичка сцена, благодарение на слоевитиот и енергичен музички израз, истовремено интригантни оригинални композиции и компактно, координирано свирење. Покрај наведеното, забележителни се нивните сценски настапи. Стилот на бендот е сложен, неизнуден, флуиден со елементи на балканските традиции, со примеси на медитерански, африкански и источноевропски традиции, во синергија со особеностите на џезот, фанкот, рокот, слободна музика и многу импровизација – сето тоа заедно го создава препознатливиот нејкд звук. Тој звук во себе носи многу емотивни слоеви – бунт, меланхолија, радост… Некој вид среќна тага, како општа состојба на музичката поетика на групата, која е отелотворена во истоимениот петти албум. Во продолжение видеото од интервјуто со Нејкд бенд за Терателевизија.