Home » „Вива Верди“ го отвора Бит фест 2023

„Вива Верди“ го отвора Бит фест 2023

by culturalchat

Со спектакуларниот настан „Вива Верди“, на кој ќе настапи Камерниот оркестар на Битола и над 130 учесници, денеска започнува 15 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. На истиот ќе се изведуваат дел од најпопуларните опери на Џузепе Верди како Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и др.

Како солисти на концертот ќе се претстават: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани во придружба на Камерниот оркестар на Битола, хор и оперски солисти предводени од диригентот Владимир Димовски.

Идејното решение за овогодишниот плакат е симболична претстава на оваа традиционална манифестација изразена преку орнаментиката и колоритот на македонскиот народен вез од Битолското Поле. Доминира црвената боја која во традицијата на народниот вез означува живот, здравје и со преносно значење во овој случај на богат и исполнет фестивал.

Неговата програма започнува од театaрот во Хераклеја и преку Културно-информативниот центар и Центарот за Култура се протега до Саат кулата, другата имагинарна граница на Битолскиот Широк Сокак.

Секоја година Бит Фест на свој начин ја носи во градот традицијата на македонското и светското творештво доближувајќи ја до современите сфаќања на човекот.

Автор на плакатот: Васко Ѓоргиев, ликовен уметник, претседател на ДЛУБ.

Свеченото отворање е во 21 часот на Хераклеја.

 

 

 

Related Articles