Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната прес конференција информираше за деталите поврзани со 15 издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ. Фестивалот оваа година ќе започне на 23 јуни со спектакуларен настан на Хераклеја, но програмскиот концепт, главно ќе вклучува традиционални настани и манифестации.
„ Од првиот ден како градоначалник, заедно со мојот тим, покрај реализацијата на инфраструктурните проекти, ставивме акцент на враќање на културниот живот во Битола, поддршка на домашната културна сцена и афирмација на вистинските културни вредности. Големата поддршка и посетеност на настаните, беше наш мотив за реализација на нов концепт на Битолското културно лето, исклучителна 4 то ноемвриска програма, „Зимска приказна“ со најдобар концепт во регионот, истовремено овозможувајќи поддршка и на бројни традиционални манифестации, реализирани преку културните институции од општината“, изјави градоначалникот Коњановски.
Бит фест започнува на 23. јуни во 21.00 часот во античкиот локалитет Хераклеја со спектакуларен настан насловен „Вива Верди“ со повеќе од 130 учесници: симфониски оркестар, хор, оперски солисти…кои ќе ги изведат најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и др. Како солисти на концертот ќе се претстават: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.
Понатамошниот програмски концепт, ќе ги вклучи веќе одобрените проекти на традиционалните културни манифестации, како: Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Локум фест, Незаборав, Илинденски денови, за на крај на август повторно во духот на културата која ја негува Битола, да имаме затворање на фестивалот со настан каков што доликува.
„Со овој концепт, верувам дека и ова лето повторно, сите заедно, културните институции од Битола и нашите изведувачи, ќе успееме да го задржиме вниманието на публиката, на големиот број гости кои ја посетуваат Битола во летниот период, на нашите битолчани и сите заедно, на крајот и на ова издание на БИТ ФЕСТ, со суперлативи ќе зборуваме, за уште едно успешно издание“, додаде на крај Коњановски.