Гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапи на „Охридско лето“. Концертот се организира во рамки на традиционалната Австриска вечер на фестивалот што секоја година се одржува со поддршка на Австриската амбасада во Скопје и Casinos Austria. Квинтетот го сочинуваат виолинистите Сузане Мерт-Томази која е член на оркестарот од 1998 година и често ја остварува функцијата на трет концерт-мајстор на оркестарот и членува во Тиролскиот ансамбл за нова музика и нејзиниот колега од групата втори виолини Андреј Јаблоков од Братислава кој е член на оркестарот од 2012 година. Покрај нив, движечка сила на квинтетот е Драган Трајковски, контрабасист со потекло од Македонија кој е водач на групата контрабаси на Тиролскиот симфониски оркестар повеќе од 15 години, како и двајца нови членови на оркестарот, водачот на групата виоли Елеонора де Пои и соло виолончелистот Леонардо Сесена. Де Пои има настапувано како оркестарски музичар во театрите во Фиренца, во „Ла Фениче“, како и во оркестарот на Националната академија „Санта Чечилија“, додека пак Сесена бил член на оркестарот на Миланската „Ла Скала“, како и заменик-водач на групата виолончела на Лондонската филхармонија.