Македонската амбасада во Будимпешта беше местото каде се одржа Вечерта на македонските студенти, средба која ги обедини македонските студенти кои се школуваат во унгарската престолнина и другите градови, но и оние од Унгарија и другите држави кои го изучуваат македонскиот јазик. Настан кој понуди многу музика, пријателство и промоција на Македонија и македонскиот јазик.„Во моментов имаме една прилично голема група на студенти, кои што се тука благодарение на билатералната соработка помеѓу Унгарија и нашата татковина, преку стипендијата Унгарикум. Многу од нив се и во приватна режија овде на студии, затоа што Будимпешта станува еден меѓународен центар. Се разбира, има и докторанти и магистранти, кои што ги довршуваат своите студии во Унгарија, не само во универзитетите во Будимпешта, туку и во Дебрецен, во Сегедин и на другите места ширум оваа земја“, истакна Ивица Боцевски, специјалниот претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.
Оваа иницијатива дошла од неколку причини.
„Јас сум бил исто така студент во странство, знам колку значи, кога амбасадата ќе пружи рака. Јас бев помеѓу 2002. и 2004. година во САД, и тогаш, имав шанса да соработувам со Македонската амбасада. Амбасадор тогаш беше Никола Димитров, и исто така се трудевме колку што е можно повеќе дипломатите од амбасадата и самиот амбасадор, ширум САД, да држат предавања, да ја промовираат нашата земја и да ги запознаваат американците со тоа што ние го правиме“, додава Боцевски.Тој во Будимпешта е на специјална мисија поврзана со европската интеграција.
„Овие студенти овде, овие деца ја живеат Европа, покажуваат дека македонците имаат што да ѝ понудат на Европа. Секој од нив е далеку поголем амбасадор, не само од мене, туку од било кој македонски амбасадор. Секоја училница каде што учат, студираат и одговараат, е претворена во една мини амбасада каде што тие ја претставуваат нашата култура, нашата традиција и квалитетот на учениците кои што ги гледам овде, зборува самиот за себе. Дел од нив планираат дома да ја продолжат кариерата, дел од нив во Европа, меѓутоа самиот факт што се овде, зборува дека е жива врската меѓу матицата и меѓу нашите студенти“. На средбата многу студенти вљубеници во македонскиот јазик од Кина, Украина, Панама и други земји. Нашата соговорничка од Кина, Шан Жанг, не поздрави со „Здраво“ и „Благодарам“ на македонски.
„Причината според која започнав да го изучувам македонскиот јазик е заради тоа што ме интересираат балканските држави, културата, музиката, носиите. Јазикот е клучот, со учењето на истиот, можам да дознаам повеќе за Македонија и балканската култура. Го изучувам македонскиот 6 недели, мојот професор е секогаш љубезен и секогаш не охрабрува“.Ерик Вангел од Унгарија слуша македонска музика и кога вози.
„Студирам право, но пред месец и половина имав можност да одам на ЕЛТЕ да учам македонски кај професорот Златко Панзов. Одамна имав желба да учам македонски, но не знаев дека ја имаме таа можност во Будимпешта. Ја сакам вашата земја и навистина ми е чест да го изучувам македонскиот јазик. Предизвик е бидејќи со години не сум учел некој нов јазик, учев руски пред 5, 6 години, но сакам да го научам македонскиот.Морам да Ви признаам и додека возам слушам македонска музика. Мои омилени песни ми се Лихнида кајче веслаше“, „Македонско девојче“, „Бисер балкански“. За крај ни се заблагодари на македонски.
„Зборувам украински, руски, полски јазик. Работам во хотел каде доаѓаат многу луѓе од Србија, од Македонија, и од нив научив неколку зборови. Имам и пријатели од Македонија со кои зборувам на украински, а тие секако на македонски. Сакав да го научам нивниот јазик и ја видов објавата дека ќе има часови по македонски. Тоа беше мојата шанса за да почнам да го учам македонскиот јазик. Лесно ми е изучувањето, бидејќи разбирам се што професорот Панзов ни предава. Слушавме и некои македонски песни, ја знам секако „Македонско девојче“, сакам да научам и други и би сакала да одам во Македонија“, ни изјави Татјана Кубјушкина од Украина.Од македонските студенти Дарија Пројковска ја пееше „Битола мој роден крај“, а Александра Јовановски ја истакна важноста на овие средби.
„Студирам на ЕЛТЕ, се радувам на ваквите средби, имав можност да запознаам многу студенти од странство кои го изучуваат македонскиот јазик, но и наши студенти. Убави се овие дружења бидејќи немаме често можност да се дружиме меѓусебно на вакви настани“.
Дел од овие студенти го изучуваат македонскиот јазик кај лекторот Златко Панзов на универзитетот ЕЛТЕ. „Овие вечери се многу важни за промоција не само на нашата култура, туку и на нашиот јазик. Така што, ваквите настани се од голема корист за видливост на нашиот јазик, односно на лекторатот каде што го предавам, на универзитетот ЕЛТЕ“, рече Панзов.Заинтересираноста на студентите кои го изучуваат македонскиот јазик е се поголема. И овој семестар имаат околу 20 до 25 студенти.
„Оваа година, за разлика од останатите семестри, имаме голем број на интернационални студенти, од Панама, Кина, Кореја, Украина, Русија итн. Така што, веќе многу добро се знае за лекторатот, иако таму има 70 лекторати, се знае за тоа дека има македонски јазик на ЕЛТЕ. Многу тешко е да се биде видлив меѓу останатите, но се поголемиот број на интернационални студенти кои доаѓаат на ЕЛТЕ и ги посетуваат курсевите по македонски јазик, зборуваат за успехот, за целата наша македонистика, не само за мојата работа во Унгарија, туку и пошироко“.
„Потребна е поголема поддршка на лекторатите“, истакна лекторот.
„Таа е единствената состојба на лекторите, затоа што треба да се подобри нашата финансиска состојба, условите во кои работиме, и да се земе во предвид дека работиме надвор, во странски држави, така што треба повеќе да се размислува во однос на финансиската ситуација на лекторите, да се размислува за поддршка на самите лекторати, техничка поддршка, поддршка во учебници и многу работи, така што има многу, што треба да се направи“.За важноста на Македонскиот лекторат зборуваше и Боцевски.
„Овде имам еден светол пример, во Будимпешта, за значењето на лекторатите по македонски јазик, колку се важни за промоцијата на македонската култура ширум светот. Тука лектор е Златко Панзов, кој што предава на ЕЛТЕ универзитетот, каде што има неколку групи кои што го изучуваат македонскиот јазик.На оваа вечер, не само што запознав луѓе од Кина, запознав и луѓе од Панама, кои што ке бидат идни македонисти. За жал, во годините на транзиција, бројот на лекторати по македонски јазик опадна и проектот во моментот кој што го поддржува претседателката Гордана Силјановска Давкова, кој што го поддржува Владата, Министерството за култура, е преку семинарот за македонски јазик да се дојде до обнова и до проширување на мрежата на лекторати. Гледате и самите еден лекторат колку голема промена може да внесе. Во Будимпешта имаме луѓе буквално од сите континенти кои што стануваат идни македонисти, дел од нив се канализираат и кон самиот семинар, понатаму да продолжат со активностите, така што една голема чест е, меѓу другото, тука да зборуваме македонски, како што реков, со луѓе од целиот свет, кои што токму во Будимпешта го изучуваат македонскиот јазик. Ова беше една убава вечер која ги врати студентите кон звуците на нивната татковина. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција, барем еднаш месечно, да имаме едно вакво дружење“, додава Боцевски.
За музичкиот дел се погрижи дуото Буда Песме од Будимпешта, вљубеници во македонската песна. Како и секоја македонска вечер, така и на оваа присутните можеа да уживаат во вкусот на македонските вина, храна, како ајварот пред се, а на крај се играше и македонското оро.