Home » Бројни активности во ООУ„Гоце Делчев“-дел од проектот„Јакнење на мултиетничката соработка во општините“

Бројни активности во ООУ„Гоце Делчев“-дел од проектот„Јакнење на мултиетничката соработка во општините“

by culturalchat

Во ООУ„Гоце Делчев“-Битола, веќе втора година се спроведува мултиетничкиот проект „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ имплементиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), а поддржан од страна на Детската фондација Песталоци. Овој проект опфаќа низа на музичко-ликовни вон наставни активности во кои се вклучени учениците од сите застапени наставни јазици во училиштето.За проектот се задолжени наставниците-ментори: Марија Арсиќ, Стефан Поповски,Кристина Стојанова и Нафко Ризманоски.

„Идејата на проектот е подобрување на интеркултурноста во училиштето со цел да придонесе кон подготовка на теренот за реализација на наставата во заеднички смени. Активностите кои се реализираат од страна на нашето училиште подразбираат различни наставни и воннаставни активности (работилници, ученички иницијативи, еколошки и хуманитарни акции, заеднички излети/екскурзии, заеднички прослави,) каде што се  вклучени ученици, наставници, а и родители од сите застапени наставни јазици во училиштето. Крајната цел на овие активности е да се надминат препреките, односно да се создаде позитивна интеркултурна клима во училиштето каде што учениците и наставниците од сите различни наставни јазици ќе можат да учат и соработуваат во заедничка смена“, ни изјави наставничката Марија Арсиќ.

Во овие 2 години организирале вкупно 7 активности за кои добиле грант за опрема на уметничките кабинети по музичко и ликовно и уште еден грант оваа учебна година за доопремување на истите. Во активностите спаѓаат: „Светско кафуле“,„Музичко дрво“, „Ајде да летаме и музикограм “, Дебата „Кои би биле придобивките доколку би имале кабинетска настава по предметите музичко и ликовно образование“, ,„Earth without art is just “eh” , „Игра на апстрактноста во музиката и уметноста (ротирачка коцка ) “ и последната „Музички стапала“.

„Во план сме до завршувањето на проектот да реализираме уште 3 интересни воннаставни активности и една посета на ликовна изложба и детски концерт во Македонската Филхармонија“, додава Арсиќ.

Ја запрашавме кои се досегашните придобивки.

„ Бенефитот го гледаме на повеќе начини и  материјално со комплетно опремување на нашите кабинети со нагледни средства,инструменти,техничка опрема,кое е многу важно за изведување на квалитетна настава по уметничките предмети,а и духовно -со уживање во корелацијата на  музичката и ликовната уметност преку самоизразување ,творење,свирење,пеење,цртање,танцување и најважно од се дружење и градење на позитивна слика за училиштето како заедница на различности како и отворање пристап за запознавање на особеностите на културното наследство од непосредното опкружување што ни е и тоа како важно за нашето повеќејазично училиште,а сето ова претставува многу значаен засебен елемент за развојот и градењето на идна комплетно изградена личност со вистински вредности“, вели Арсиќ и додава: „ Имаме огромна поддршка од нашата директорка М-р.Билјана Стојкова,како и од нашите колеги и родителите на децата за сето ова да ни успее. Децата се навистина среќни,задоволни,исполнети со позитивна енергија,постојано се заедно и вон училишните обврски,се дружат,си помагаат многу и што ни е најважно ослободени од стегите на стереотипите, предрасудите за припадностите на  различни националности и јазици присутни во нашето училиште“.

Во градскиот парк се одржа последната активност „Музички стапала“ каде учениците танцуваа по ритамот на мелодијата од нумерата која ја слушаа во моментот на  голем формат платно.„ Слушаа музика од различни жанрови,стилови и јазици.Во садови  со припремени тонови на боја, учениците ги натопуваа стапалата и нивната задача беше танцувајќи по музиката да создаваат  стапалки  во боја на платното според  мотив  за кој спонтано се договориле меѓу нив ,без да знаат нивните ментори. И оваа активност како и минатите беше следена од  публика, педагошко-психолошката служба на училиштето и родители на учениците учесници“, ни изјави Арсиќ.

Во првата активност “Ајде да летаме“ и музикограм учениците изработувале заедничко летало. Музикограмот претставувал музички цртеж од секој ученик за доживувањето на формата на одредена композиција која ја слушале, во „Светско кафуле“,нарачувале песна заедно со чај или кафе, а во исто време се одржувала ликовната работилница. За активноста „Музичко дрво“ учениците во групи на големо платно изработиле цртеж „музичко дрво“ од различни материјали, за потоа да ги прикачуваат своите песни во вид на лисја од дрво на различни јазици.

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles