Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Бранко Брезовец.
Шекспировиот „Хамлет“ е врвно дело на англиската и на светската литература, во кое се говори за опседнатоста на данскиот принц Хамлет со идејата да се одмазди за смртта (убиството) на својот татко. На режисерот Брезовец ова му е трета соработка со прилепскиот ансамбл, по претставите „Антица“ и „Глембаеви“ и смета дека е голем предизвик да го постави „Хамлет “ на сцената.
– Со „Хамлет“ се подигнуваме на врвот во драмската писменост. Оваа претстава претходно ја работев со ансамблот во Турскиот театар во 1995 година и таа претстава имаше извонреден ориентален призвук. Тој не може да верува во задгробните пораки од татко му. Мора да види непосредно убиство, за да реагира, а не, некој да му раскажува за тоа. Во Прилеп имаме одлична поделба која се темели на Глембаеви, а тоа е некаква варијација на Хамлет. Тука ќе биде помал нагласокот на проблемот на одмаздата, бидејќи, таа тема, во овие краеви, за среќа почна да се разретчува во почетокот на 2000-та. Во нашата претстава се работи за проблемот на честа, која е врвен морален принцип. Овде, јасната работа не е отфрлена, но е релативизирана и како да се укажува на некои компромиси. „Да се биде или не“ како да се разлева во истовременото и да се биде и да не се биде. „Хамлет“ ќе биде претстава на жестока колективна игра, на цврста актерска екипа и заедничко уметничко разбирање, вели режисерот Бранко Брезовец.
Премиерата на претставата е поддржана од Министерството за култура и ќе се одржи во средината на октомври.