Германските, австриските и швајцарските божиќни маркети се едни од најпознатите во светот кои годишно ги посетуваат илјадници туристи. Поаѓајќи од таа идеја во саботата на 23.12 во Старата Битолска чаршија се одржа германски Божиќен панаѓур, организиран од страна на наставниците по германски јазик од основните и средните училишта на Општина Битола во рамките на манифестацијата ЗИМСКА ПРИКАЗНА. Настанот беше целосно поддржан од страна на Здружението на наставници по германски јазик и книжевност на Македонија и Гете-Институтот од Скопје. Наставниците по германски јазик и нивните ученици, радувајќи ѝ се на предновогодишна магија и еуфоријата што претстои во деновите што следат, успеаа да ја споделат меѓу своите сограѓани културата и традицијата на нашите пријатели, чијшто јазик не само во Битола, туку и насекаде низ Македонија активно се изучува веќе со децении.
Секое училиште припреми карактеристична германска храна и пијалоци, а тука беа и новогодипните изработки, Lebkuchenhetzen-препознатливите божиќни колачиња во вид на срце, Glüwein- варено вино со мирис на каранфилче за возрасните.
Покрај сето ова секое училиште изведе по една божиќна песна. На настанот присуствуваа и градоначалникот на Битола, претставници на Гете институтот од Скопје, како и претставници на спонзорите на овој настан.
„Да се зборува странски јазик е богатство, но да се зборува германски јазик во денешно време, во оваа дигитална ера е придобивка која му овозможува на секого да цели кон повисоки остварувања на секое поле. Тоа е причината број 1 зошто мора да се учи германски јазик – затоа што легитимно е јазик на иднината“, истакна Габриела Темелкоска, претседател на Здружението на наставници по германски јазик и книжевност на Република Македонија.
Таа напомена дека наставата по германски јазик е многу повеќе од обично споделување на граматички правила и учење на фактографски податоци, затоа што германистите нудат енергија и разновидни активности, кои пробудуваат љубопитност и интерес за изучување на јазикот уште од најрана возраст. Впрочем и фактот што баш сега се организира еден ваков настан е доволен показател што го потврдува претходно изнесеното.
Изучувајќи германски јазик стануваме свесни за културата и традицијата на народот кој живее таму, градиме мостови помеѓу нас, ги развиваме интеркултурните компетенции кај младите уште од најрана возраст, споделувајки притоа позитивна енергија и емоции.
Целиот овој настан немаше да се случи и да изгледа како бајка, да не беа наставничките по германски јазик од ООУ „Коле Канински“ од Битола – Марина и Елена, кои беа главни иницијатори и организатори на истиот. Се разбира тука е и поддршката на вредните колеги – наставниците и нивните ученици од останатите основни и средни училишта во Општина Битола, но и на присутните гости од основното училиште „Кочо Рацин” од Прилеп, малите креативци од 4а одделение, кои заедно со своите наставнички и директорката го посетија настанот и донесоа супер подароци за другарчињата од Битола.
” Целта е да се мотивираат учениците уште повеќе да го изучуваат германскиот јазик и култура и да знаат дека со познавање на јазикот можат да имаат убава работа, како сите ние од нашето здружение и во нашиот град“, ни изјави професорката Марина Атанасовска.
Организаторите се заблагодарија до Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски, кој им овозможи заедно да се радуваат и споделуваат позитивна енергија, а присутните на настанот истакнаа дека би сакале овој настан да премине во традиција.