Home » Битолчанка чиј накит го освојува светскиот моден свет

Битолчанка чиј накит го освојува светскиот моден свет

Интервју со Надица Бицева Димитровски -ателје Креација

by culturalchat

„Создавањето на дизајнот почнува од потребата за него, во таа насока јас лично почувствував потреба и цела моја креативна енергија ја канализирав во дизајн и рачна изработка на накит“, вака го започна разговорот со нас Надица Бицева Димитровски, основач на брендот за креативен и авангарден накит „Креација“. Нејзиниот накит никого не остава рамнодушен, дизајн со уникатна естетика за жени со изграден стил. Најголема инспирација и е архитектурата и културното наследство, а најновата колекција накит,, Коски ” е инспирирана од филмот Сенки на Милчо Манчевски.

Нејзиниот накит дава чувство дека целосниот стајлинг  може да се трансформира со само едно парче накит. Надица вели дека нејзините креации се за жени кои веќе имаат изграден стил, кои ги следат трендовите. Инаку дипломиран психолог и истакнува дека психологијата како наука и помага во процесот на нејзината работа.

Првата колекција на Надица „Манзара“,беше инспирирана од Османлиската архитектура и култура. Уникатните дизајни, уникатниот накит може да се погледнат во ателјето Креација, во Малиот Безистен во Битола, ателје за изработка на авангарден накит, рачно изработен и дизајниран  од Надица. Нејзината креативна приказна започна во 2016 година. Неодамна таа ја создаде колекцијата марами спој на мода и културно наследство, која ја презентираше и пред претседателот на Македонија и неговата сопруга, како и пред голем број на дипломати, претставници на владини институции, пратенички и големиот број на посетители во претседателската резиденција.

Н.Б.Д.- Под мотото :,, Нашето културно наследство може да биде модерно и јас со гордост ќе го носам”, ја создадов новата колекција марами Хера.Трагичната маска со ликот на Херакле, 2 век нова ера, од локалитетот Хераклјеа Линкестис, во автентичен принт на 100 %жоржет, како моден додаток,  е наменета за сите кои ја почитуваат модата, културата и уметноста.Меандер од полчата на локалитетот Хераклеја и Трагичната маска , во монохроматски дизајн , претсатвува моќен  и несекојдневен моден додаток. Ме радува што интересот беше голем и марамите се скоро распродадени.

На изложбата во резиденцијата на Претседателот го претставивте своето ателје. Како дојде до таа соработка и што истата значеше за Вас?

Н.Б.Д- Изложбата во резиденцијата на Претседателот , беше организирана од Центарот за управување со промени, со поддршка на првата дама г-ѓа Елизабета Георѓиевска. Чест ми беше што моето Ателје имав можност да го претставам пред голем број на дипломати, претставници на владини институции, пратенички и голем број на посетители.

Од каде ја црпите инспирацијата за авангардниот и единствен по многу нешта накит?

Н.Б.Д- Инспирацијата е насекаде околу мене, околу нас , архитектура, филм, танц, музика, културно наслество, едноставно тоа не опкружува, јас само инспирацијата ја преточувам во парче уметност.

Кажете ни нешто за проектот Best seller?

Н.Б.Д.- Проектот Best Seller, се роди од потребата и интересот за одредени производи од сите мои досегашни колекции , така што изработив каталог  со сите најпродавани парчиња накит кои сега се  достапни за продажба на мојата веб страница https://kreacijajewelry.mk/

Внимание привлекува кај модните зависници, но би рекла и зависните по единствени модни парчиња, колекцијата Коски. Да проговориме за истата.

Н.Б.Д.- Колекцијата Коски е поразлична од сите мои претходни во однос на визуелните елементи, поточно формата. Инспирација за истата е филмот Сенки на режисерот Милчо Манчевски. Во модата , поимите рибина коска, слонова коска, не се непознати, во мојот дизајн ги употребив и ги претставив во авангардна форма.

Кои материјали се употребени?

Н.Б.Д.- Цела колекција е во основа изработена од полимерна глина, акрилни бои, кожа, фолија, циркони го надополнуваат дизајнот.

 Накитот е застапен и на американскиот пазар. Каде се и како дојде до соработката?

Н.Б.Д.- Дел од моите производи се достапни за продажба за американски пазар на  платформата Clothia, платформа со селектирани дизајнери од Европа, кои продаваат облека, модни додатоци и накит.

 Што најмногу бараат жените од тие колекции?

Н.Б.Д.- Едноставен накит, минималитички, а истовремено моќен дизајн.

Каде се Вашиот накит бил претставен надвор од Македонија?

Н.Б.Д.- Пред европската публика се претставив како дел од Меѓународна модна ревија Feeric Fashion Week , која се одржува  секоја година во Сибиу , Романија. Исто така се претставив и на саемот за дизајн и иновации во Лугано, Швајцарија, а како најголем успех го сметам претставувањето во Њујорк во организација на платформата Clothia, каде се продава мојот накит за американски пазар.

Да се навратиме на самите почетоци. По професија сте дипломиран психолог, како дојде до идејата за создавање на накит?

Н.Б.Д.- Создавањето на дизајнот почнува од потребата за него, во таа насока јас лично почувствував потреба и цела моја креативна енергија ја канализирав во дизајн и рачна изработка на накит.

 Да претставиме за нашите читатели еден Ваш ден во процес на креирање.

Н.Б.Д.- Секогаш прво подготвувам комплетно модно досие, од наслов до mood board и технички скици, а потоа го изработувам накитот , кој, исто така има повеќе етапи во процесот на изработка, од моделирање на глината, до крајниот изглед на производот.

 На што работите во моментов?

Н.Б.Д.- Во моментот работам летна колекција на накит со скулптурални форми.

Велат” без добар аксесоар нема добар стајлинг”. Кое е Вашето мислење на оваа тема?

Н.Б.Д.- Апсолутно е така, би додала и …,,Во деталите е дизајнот…

Колку битолчанки се заинтересирани за оргинални модни парчиња накит?

Н.Б.Д.- Интересот расте и тоа ме радува.Многу ми заначи што моите клиенти  ми се верни , а моите производи патуваат низ светот.

 

 

Related Articles