Битолчанката Кети Талевска Бакревска ја претстави својата изложба „Меѓу папратите“ во Нови Сад, во арт кафе Ординација. Се работи за изложба на лумен принтови, односно фотографии направени од фотоосетлив материјал, без употреба на фотоапарат.изложба на лумен принтови кети направи и во рамките на меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија зрно , на кој следната година држеше работилници за лумен принт. Изложбата во Нови Сад ја отвори Предраг Узелац.
Со оваа техника Кети започнала да се занимава за време на ковид пандемијата и експериментирала со сите можности на лумен техниката. Во Македонија никој не се занимавал со оваа техника и едноставно Талевска Бакревска сметала дека е интересно да покаже што значи правење фотографија без фото апарат и дека и тоа е возможно.
„Едноставно можеме да цртаме (фотографираме) само со светлината“, вели таа. Кети Талевска Бакревска со фотографија се занимава од 17-годишна возраст. Како член на фото кино клубот во Битола има учествувано на повеќе клупски, меѓудржавни и меѓународни изложби на фотографија. Студиите ги завршила во Марибор, медиумска комуникација. Првиот фото апарат кој што го имала бил Зенит кој е аналоген фотоапарат и така започнала да се занимава со аналогна фотографија. Подоцна станува дел од Фото Кино Клубот Битола и започнува активно да работи, да учи.
Покрај фотографија се занимава и со снимање и монтажа на видеа, од документарни филмови, монтажа на музички видеа, телевизиски репортажи и видеа за културни настани. Краток период од својот живот има посветено и на стоп анимација и така настанала и нејзината работилница за стоп анимација која се одржа во Скопје и Битола. Покрај тоа, како ментор Кети била вклучена и во работилници за видеомонтажа и Камера Обскура. Кети е добро познат фотограф во фотографските кругови, пред се по фотографиите препознатливи на нејзиниот начин на работа, во кои се чувствува нејзиниот талент и посебниот фокус на деталите, документирањето на настаните. Од пред неколку години се интересира за лумен принт-техниката, која е една од најстарите техники за изработување фотографии.
Резултатите се единствени и неповторливи. Во денешно време таквите фотографии реферираат на најраните фотографски експерименти од раниот 19ти век. Покрај претпоставените ограничувања,ваквиот начин на изработка на фотографии дава скоро бескрајни можности за експериментирање. Техниката Кети ја научила со истражување и учење за старите алтернативни процеси за фотографија и со помош од нејзиниот пријател Сашо Алушевски кој што се занимава со многу алтернативни фотографски процеси .
„ Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината. Повеќе или помалку свесна игра, во зависност од умешноста на танчерите. Неа не смее да ја има премалку, ниту премногу. Страста брзо пламнува но ако не се покаже потребното почитување и танчерот се препушти само на страста, како во случајот на Икар, танцот брзо се претвора во очаен пад во непознатото и бурно море“, вели фотографот Сашо Алушевски, кој и ја посочил оваа техника на Кети и додал дека потегот на Кети да се претстави со ваква поставка, со таканеречените лумен принтови –фотографии го смета за многузначно храбар и благороден. Храбар, затоа што отскокнува од клишеата без референца на која се повикува. Ваква поставка е бисер за македонската фотографија. Храбар, затоа што безмалку без поттик, сама се впуштила во игра и истражување на можностите што за Кети ги нуди медиумот и за релативно брзо време го најде сопствениот израз. Храбар е исто така, затоа што овие фотографии се многу деликатни и се обраќаат на еден многу суптилен начин, како шепот.
Најчесто Талевска Бакревска фотографира културни настани, но ја сака и работата со луѓе и некогаш експериментира и со портретна фотографија.