Претставата „Жени во Собрание“, по мотиви на Аристофан, а во режија на Ќендрим Ријани, беше премиерно изведена на сцената на Театар „Комедија“ во Скопје. Претставата е работена според препев на проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа.
„Колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, од друга страна постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како тема која е прашање на родот, односно на полот и на неговата сила“, вели драматургот Крајчевска.
„Зошто тргнавме од Аристофан, 400 и кусур години пр.н.е.? Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата. Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“, додава Крајчевска.
Комедијата ја претставува самоиницијативата на жените да ја преземат политичката и државната власт, поткрепена со теоријата на Праксагора дека владејачкиот сталеж не треба да има приватен имот (карикирано од Платоновата „Држава“). Така, жените преправени во мажи влегуваат во атинското собрание, придобиваат неколку мажи на своја страна и воведуваат своевидна „социјалистичка влада“ која се грижи за рамноправноста на атинските граѓани – до таа мера што одлучуваат „кој маж со која и каква жена треба да спие .
Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нивниот став,провоциран од Аристофановиот изворник, и во соработка со драматургот, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата.
„Затоа си зедовме за право да создадеме претстава со гротексни слики кои произлегуваат од секојдневието и, всушност, го предизвикуваат: од позиција на моќ до колективна и лична неодговорност, од филозофија и политика до литература и уметност, до „едноставната“ позиција на жената во семејството и да раскажеме приказни за уште многу други работи“, пишува Крајчевска.
Улогите ги толкуваат: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска и Ангела Стојановска. Сценограф на претставата е Сергеј Светозарев, костимограф – Ивана Каранфиловска Угуровска, а кореограф – Олга Панго. За музичката изведба се погрижи Јетмир Мехмеди, а автор на плакатот е Медина Хоџа.
Преставата ќе се одигра и на 2. февруари.