На 25 октомври 2024 година, во центарот на Милано, се одржа свечената церемонија на доделување награди за меѓународното признание „Città del Galateo“. На истата меѓународната книжевна награда за извонредност „Città del Galateo“, ја доби битолчанецот Игор Трајковски Фоја.
„ Како дете, кога го гледав Рамбо на чаршавче пред ТВ и јадев попара, потајно сонував дека сѐ е возможно. Во 2015, кога се запишував на постдипломски студии за филм, тој филм беше во мојата топ 10 листа. Можеби и поради тоа што Македонец, Тед Кочев, го режирал, па ми будеше надеж за неограничени можности. Во Милано, пред низа државници, европски и светски екселенции, добивам награда за литература, за мојата поезија. Меѓу малкумината од Балканот и кремот на европската и светската литература, одекна Македонија, а веднаш по тоа моето име. Ова е магичен момент за моето творештво, но и за македонската литература и јазик, кои имам чест да ги претставувам преку мојата поезија, веќе препеана на италијански. П.С. Никогаш не ги прекинувајте соништата на детето кое јади попара пред телевизор“, истакнува Трајковски.
Посебни честитки доби од кандидатот за нобелова награда за литература, Хафез Хајдар, познат либански натурализиран италијански арапист, писател и преведувач. Академски почесен, претседател на неколку комитети за човекови права, Витез на Италијанската Република и меѓународен генерален директор на Камерата деи поети од Фиренца, тој е меѓу главните уредници и преведувачи на италијански на делата на Калил Џибран.Овој настан, е организиран од престижната организација Premio Letterario Internazionale . XI. издание на церемонијата, е посветено на големиот хуманист од Саленто, Антонио де Ферарис (Галатоне, 1444 – Лече, 1517), лекар, филозоф и астроном. Престижниот книжевен конкурс е организиран од Verbumlandiart Aps, со седиште во Галатоне (Лече), промовиран и координиран од Регина Реста, неуморна личност од културната сцена, претседател на здружението уште од неговото основање. Наградата, која во своите единаесет изданија достигна високи нивоа на извонредност, прогресивно ги дефинираше своите секции, како за италијански, така и за странски автори, со цел уште поспецијализирано да ја насочи книжевната продукција на писателите кои одлучуваат да се натпреваруваат за наградата. Официјален спонзор на XI издание на книжевната награда е издавачот Џузепе Латерца од Бари. Жирито на книжевната награда „Città del Galateo“ 2024 година, го објави извештајот за завршување на процесот на оценување на делата во конкурсот со конечна класификација на победниците и посебните номинации, која веќе е достапна на веб-страницата https://www.verbumlandiart.com/.
Жирито беше во состав: Франческо Леночи-почесен претседател на извонредноста, Пјерфранко Бруни-претседател за извонредност во културата, Гофредо Палмерини-претседател на жирито на извонредност, Хафез Хајдар(кандидат за Нобелова награда за литература и мир)- меѓународен претседател на извонредност, Регина Реста- претседател на наградата за извонредност. Жири за италијански автори- Ана Монтела, Анела Приско, Асунта Спедикато, Енцо Бака, Фиорела Франчини, Џанпаоло Мастропасква, Хебе Муњоз, Мери Атено, Марилиса Палацоне, Франческо Нигри, Розела Мурано, Соња Фанули.
Жири за странски автори: Анжела Коста, Кристел Оландет, Елизабета Багли, Ирма Курти, Мирјана Добрила. Жирито изврши значајна работа во анализа и оценување на делата. На наградата беа претставени повеќе од две илјади дела, меѓу кои проза, поезија и есеистика. Уште позначајно беше учеството од странство, со автори од следните земји: Албанија, Кина, Франција, Грција, Индија, Израел, Иран, Либан, Никарагва, Романија, Србија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Соединетите Американски Држави и Уругвај. Сите пристигнати дела беа индивидуално оценети, а по конструктивната размена на мислења за различните предлози, со споредбени читања и критички оценки, жирито дефинитивно ги одреди следните класификации за различните секции на наградата, имајќи ги предвид критериумите за оценување: оригиналност на содржината, квалитет на пишување, тематска кохеренција и способност за емоционално ангажирање на читателот.Организацијата ја истакнува важноста на свесноста и скромноста при прифаќањето на наградите. Во нивното обраќање, жирито истакна дека секоја награда претставува повеќе од признание – тоа е еден вид рефлексија на патот на личниот развој, постигнатите успеси, но и на напорите, грешките и учењето низ текот на животот. Според нив, секоја награда е повик за понатамошно растење и надминување на сопствените граници. Реџина Реста, која е претседателка на жирито и водечка фигура на настанот, истакна дека честа да се додели награда е и потсетник на важноста од благодарност кон сите кои се дел од успехот на еден уметник – семејството, колегите, пријателите и заедницата. Признанието не е само чин на чест, туку и одговорност за примерот што треба да се пренесе на следните генерации и поттик за продолжување на делото со истрајност и посветеност. Организацијата исто така упати порака до сите кои можеби се разочарани, потсетувајќи ги дека разочарувањето е неизбежен дел од патот на секој што има храброст да сонува и да вложува напори. Секое разочарување носи скриена лекција и е потсетник дека растот и успехот доаѓаат со истрајност и решителност да се надминат сите пречки.