Home » Битолчанецот Иван Трпков го искачи највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва

Битолчанецот Иван Трпков го искачи највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва

by culturalchat

Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка, претставува предизвик за планинарите поради големата висина од 6962 м, студените услови и силните ветрови кои често го прават искачувањето неизвесно. Токму овие фактори ја прават секоја успешна експедиција резултат на трпение, добра подготовка и тимска работа. На ова искачување единствен претставник од Македонија беше Иван Трпков.
„Експедицијата беше реализирана во февруари и траеше 18 дена. Тимот броеше седум членови: покрај мене беа и двајца учесници од Аргентина, еден од Уругвај, двајца од Бразил и еден од Мароко“, ни изјави Трков.

И покрај тешките услови, петмина од нив успеаја да застанат на врвот. Речиси целиот месец февруари беше обележан со нестабилно време и силни ветрови на високите делови од планината. Сепак, краток временски „прозорец“ со поповолни услови овозможи безбедно и успешно искачување.
Со ова искачување, Иван го заокружи својот трет врв од проектот „7 највисоки врвови на континентите“, по претходните успеси на Килиманџаро во Африка и Елбрус во Европа. Покрај овие врвови, зад себе има искачувања на Исланд пик на Хималаите, Арарат во Турција, Дамаванд во Иран, Казбек во Грузија, како и неколку значајни европски врвови меѓу кои Мон Блан, Гросглокнер, Ортлер и Гран Парадизо, како и други планини. Овој успех претставува уште еден убав придонес за битолското и македонското планинарство. Честитки Иван Трпков.

Related Articles