Home » Битолчанецот Давор Неќак дебитира во улогата на Фигаро во ХНК Сплит

Битолчанецот Давор Неќак дебитира во улогата на Фигаро во ХНК Сплит

by culturalchat

Росиниевото дело „Севиљскиот бербер“ се враќа на големата сцена во ХНК Сплит, под водство на маестро, диригентот Иван Хут, а во режија на Крешимир Доленчиќ, екипа предодредена за успех. Кога овде ќе се додаде и баритонот Давор Неќак, битолчанецот кој реди успех по успех, солист на Хрватскиот народен театар во Загреб, а е овојпат во улогата на Фигаро, веќе знаеме дека за овие изведби ќе се бара карта повеќе. Премиерата е во петок, 13.март. По тој повод го контактиравме Давор, кој пред една од пробите во Сплит ни рече:

Д.Н. „Кога ме контактираа од ХНК Сплит и дознав дека имаме само две недели проби пред првата представа – не ми беше сеедно. Да дебитирате со главната улога е голема одговорност, а две недели е краток период. Но со одлична и детална припрема пред првата проба, успеавме заедно со колегите да ја поставиме целата представа. ХНК Сплит има прекрасни професионалци кои ми помогнаа да напредувам во улогата, театарот е прекрасен и има совршена акустика. Би бил среќен повторно да гостувам тука“.

Росини не е само еден од најпочитуваните италијански и светски оперски композитори, кој создавал со моцартова леснотија и брзина, туку е и автор токму на најпопуларната комична опера на сите времиња – „Севиљскиот бербер“. Неговиот неисцрпен извор на мелодиска инвенција го промени оперскиот свет, и ако на тоа ја додадеме неговата постојана ритмичка живост, зачудувачка оркестрација, не е ни чудо што ужива во два века популарност.

Д.Н. „Фигаро е улога која секој млад баритон ја посакува, всушност би се осмелил да кажам дека таа е првата “круна” во кариерата на баритонот. Напишана е доста високо која ја прави технички комплицирана, а посебен предизвик е да ја пеете можеби најпознатата арија на светот – Ларго ал фактотум“.Неодамна јавноста ја разбранува веста кога американскиот актер Тимоти Шаламет, номиниран за Оскар, истакна дека операта и балетот повеќе не се од интерес за никого и се застарена форма. Го прашавме Давор што би му порачал на актерот по оваа вест.

Д.Н. – „Искрено изненаден сум од неговите ставови, особено затоа што неговата баба и мајка биле професионални балерини, можеби тие влијаеле на неговиот став. Би го поканил на премиерата на Il barbiere di Siviglia, да се увери во преполната сала со публика, како доказ дека операта како уметност не изумира“.

Но, да се вратиме на операта. Што ја очекува публиката на премиерата овој петок?

Д.Н. – „Одлична и уиграна екипа на солисти, прекрасна сценографија и костими, комична и забавна режија на Крешимир Доленчиќ, нијансирано и стилски одговорно водство на оркестарот од диригентот Иван Хут“.

Изведбата на ова дело е на 13. и 16..март токму во Сплит е совршен избор, затоа што како што велат: „Севиљскиот бербер“ како да е напишан по мерка за град каков што е Сплит. Каде на друго место како во овој хрватски град, би уживале во приказната на делото кое се случува во мал град во кој сè е кажано, сè е познато, (како во Сплит), а берберот е господар на секој бар и знае сè за секого. Како паралела за оние кои ја гледале серијата Нашето мало место (Naše malo misto), по сценарио на легендарниот Миленко Смоје, каде се опишува местото каде сите знаат се за секого, ќе разберат зошто Сплит е идеална локација за изведба на делото на Росини. Неќак покрај оперскиот репертоар и улогите што ги изведува во својот матичен театар, ја негува и македонската традиција, а изминатите месеци беше со веќе со пополнет репертоар.Тука беше настанот „Глазбени те зове“, свечен гала-концерт одржан во Хрватскиот народен театар во Загреб, со кој се одбележа почетокот на 200-годишнината на Хрватскиот музички завод, “Еро с онога свијета” популарното дело на Јаков Готовац, каде го изведе ликот на Млинарот Сима, „Кармина Бурана“ каде настапи со оркестарот на Загребачката Филхармонија, под диригентска палка на Иван Шчепановиќ, изведена во „Ватрослав Лисински“. На Давор му посакуваме успешно деби и уште многу вакви оперски предизвици.

 

 

Related Articles