Европските млади диригенти го претставија завршниот концерт на мастер класот по диригирање на проф. Урош Лајовиц со оркестарот на државната опера во Пловдив, Бугарија.Лајовиц важи за еден од најреномираните педагози и диригенти во Европа, а мастер класот се одвиваше во периодот од 12.02. do 17.02. Младиот битолчанец Горјан Стојановски беше единствениот претставник од Македонија.
„ Бевме 10 диригенти од Русија, Украина, Казахстан, Италија, Шпанија, Кореја, Кина, САД и јас од Македонија. Работевме и изведувавме дела од Моцарт: увертира од операта Волшебната флејта, Брамс: Варијации на тема од Јозеф Хајдн и Берлиоз: Фантастична симфонија“, ни изјави Горјан и додаде „ Јас, заедно со уште двајца колеги ги изведувавме варијациите на Брамс“.
Концерт мајстор беше Мичо Димитров, а диригенти покрај Стојановски: Сабатино Сервилио – Италија, Дастан Ибрагимов – Казахстан,Даниел Бланард – Украина, Сохи Софија Јунг – Република Кореја, Даниел Родригез – Шпанија, Роман Резник – Украина/Норвешка, Мишел Галанте – САД, Тимоти Подгородински – Руска Федерација, Кара Сју – Кина.Концертот беше дел од симфониската сезона посветена на 100-годишнината од раѓањето на Добрин Петков.
Во мај минатата година Горјан ги воодушеви многубројните присутни на солистичкиот концерт во Скопје каде премиерно ја изведе композиција од композиторката Бете Илин: “Токата” за две виолини и пијано заедно со Стефани Радинска-виолина и Симеон Гошев-виолина. Тука е и концертот во Офицерскиот дом во Битола кој го започна со импровизација на три македонски теми која ја намени посебно за оваа прилика. На програмата беа дела и од Бетовен, Чајковски, Рахмањинов и Вагнер/Лист. Специјален гостин беше неговата сестра Горјана Стојановска која изведе композиција на Чајковски.
Горјан е роден 01.10.2003 година во Битола. Основното музичко образование по пијано го започнува во „Државно музичко училиште“ – Битола, во класата на проф. д-р Татјана Божиновска, а го завршува во класата на проф. м-р Дино Имери при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје.
Средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје, во пијанистичката класа на проф. м-р Катерина Ќетковиќ – Фидановска.
На сите натпревари на кои учествувал освојувал високи награди.
Како ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ – Скопје, бележи бројни настапи на концерти и натпревари како дел од класата на проф. м-р Катерина Ќетковиќ – Фидановска. Горјан сега е прва година на ФМУ. на отсекот пијано во класата на проф. Елена Атанасовска Ивановска.
Концертот во Бугарија може да го погледнете на следниот линк: