Во свечената сала на Офицерскиот дом во присуство на голем број на посетители, Државното музичко училиште Битола со величенствен концерт го одбележа 77 годишниот јубилеј на постоење на оваа значајна образовна институција, која е заслужна за плејада на врвни музички имиња и настани со значајно место како во историјата и идентитетот на Општина Битола, така и на Македонија. Токму концертните настани на ученците и професорите од ДМУ Битола, го претставуваат во најблескаво светло Офицерскиот дом и Свечената сала. Културниот и информативен центар Битола, од самото отворање е постојан партнер и поддржувач на ДМУ Битола, соработка која на битолчани им овозможи незаборавни концертни искуства и чуство на припадност кон врвни културни вредности.
Главната нота ја имаа професорите во ова надалеку почитувано училиште, кои преку виртуозната концертна изведба, покажаа на што се должи континуитетот на оваа средношколска институција. Во рамките на програмата се заредија сите учесници коишто изведуваа дела од познати светски автори, како што се : Чајковски, Моцарт, Рахмањинов и други. Па така на концертот настапија: Горјана Стојановска која го изведе делото на Чајковски/ Володос: Берсеза „Приспивна“, Кирил Мулоски: М.Марковиќ-„Стамина“, Јана Четелева Белевска: Рахмањинов-Етида бр.39 бр.1, Маја Божиновска заедно со Горјана Стојановска:М.Мошковски-„Шпански албум“ бр.1, Игор Милевски во пијано придружба на Татјана Божиновска: К.Сен-Санс-„Интродукција и Рондо капричиозо“.
Триото Трифоника ( Јана Четелева Белевска, Марија Шамоска Буџаковски и Елена Ѓоргиева), премиерно го изведоа делото „Варијации на тема Македонско девојче“ на битолскиот професор и композитор Вангел Мажевски.
Сопранот Билјана Талевска во пијано придружба на Билјана Димовска:В.А.Моцарт-Арија на Електра од операта „Идоменео“, дуо пијано Билјана Димовска и Татјана Божиновска: М.Равел-Шпанска симфонија-„Фериа“, Владимир Андревски, Оливера Гемту и Татјана Божиновска:А.Пијацола-„Обливион“, Горан Трајковски, Спире Јовановски и Маја Божиновска:П.Итуралде-„Мемориас“ и хорот на ДМУ под диригентска палка на Лилјана Трајковска Димевски, заедно со Кире Мулоски и Менде Мешковски ги изведоа делата „Negro ben bon“ на М.Гарсиа и „Bullerengue“ на Х.А.Ринкон.
Бурните аплаузи беа потврда за квалитетните изведби на ова училиште кое датира од 17-ти Февруари 1947 година па досега и бележи постојан растеж. Концертот, конципиран со умешно смислена програма за сечиј вкус, допре до секој оној кој беше присутен на истиот. Со ова се докажува дека ДМУ Битола со право го носи епитетот “Расадник на музички таленти”. Овој концерт понуди квалитет со висок критериуми, кои ова училиште ги оправдува 77 години наназад, како столб на културниот живот во Битола и пошироко во земјата.
Фотографии: Сашо Ставрев