Во Кристалната сала на КИЦ, Офицерскиот дом во Битола, битолскиот фотограф Сашо Ставрев, ја претстави фото изложбата посветена на 45 годишнината од Интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Истата содржи повеќе стотици фотографии кои низ 28 паноа го прикажуваат развојот на Фестивалот до едно високо ниво во светот на кинематографијата, престиж и чест за оној кој дошол со филм во конкуренција или дошол да биде во жири кое ги оценува најновите филмски остварувања. Фестивалската палата низ годините, статуетките на Фестивалот, лауреати и различни филмски работници од целиот свет, филмаџии и филмски ѕвезди, филмски режисери и оскаровци, се на менито на фото изложбата на која се доловени и моменти на заедничко дружење, интересни моменти од повторното доаѓање низ годините, генерации на филмаџии „татко и син“, селфи фотографии, амбиент, автограми и мастер класови и сите информации за добитниците на наградите на животно дело, како и наградите „Камера 300“.
„ Секој обид да се зборува за значењето на една сама по себе антологиска изложба ќе биде блед обид да се долови значењето на истата. Пасијата со која Сашо Ставрев ги ,,следи и лови’’ ликовите на лауреатите, бројните актери , директори на фотографија, сниматели, продуценти, оскаровци присутни сите овие години на ИФФК ,,Браќа Манаки” претставува живопис на еден фестивал кој ни го донесе светот дома, а нас битолчани во светот на филмската магија. Дека пасијата е наследна, тоа е повеќе од јасно и во оваа изложба каде тивко се провлекува раката на Петар Ставрев“, беше истакнато на отворањето на изложбата. На истата настапи и деветгодишната Теона Димеска која што го разубави целиот настан со својот настап
на виолончело заедно со својот учител Зисо Пуровски.
Пред присутните се обрати Гоце Стојановски директор на Државен архив одд. Битола.
„ Станува збор за ретроспективни фотографии кои се хронолошки распоредени по години од самиот почеток на Фестивалот. Фестивалот кој датира од 1979 година е најстариот Филмски Фестивал на светот и е специфичен затоа што ја вреднува работата на кинематограферите. Самиот Фестивал една година не беше одржан и од почетокот беше под насловот „Денови на Југословенската камера“, „Манакиеви средби“ и слично, се додека не се заокружи сегашното име „Фестивал на филмската камера Браќа Манаки“, изјавува Сашо Ставрев.
На овој Фестивал со годините доаѓале мошне значајни имиња од филмскиот свет од сите краеви на бивша Југославија.
„Можам да ги споменам: Томислав Пинтер, Карпо Година, Вељко Булајиќ, Петар Лаловиќ, Радо Ликон, Зринко Огреста, Мустафа Надаревиќ, Раде Шербеџија, Бранко Михајловски, Љубе Петковски, Димитрие Османли, Томислав Османли, Бранко Гапо, Мето Јовановски, Јосиф Јосифовски, Илија Џувалековски, Данчо Чевревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Трајче Попов, Столе Попов, Милена Дравиќ, Неда Арнериќ исто како и фотографите Жорж Скригин, Благоја Дрнков, Милан Џинго, Роберт Јанкулоски, Александар Прошев и разни филмски работници и филмаџии. Тоа беше некаде до средината на деведесеттите години, поточно до 1994 година кога Милчо Манчевски го освои „Златниот лав“ на Венецијанскиот Филмски Фестивал. Секоја следна година Фестивалот добиваше се поголемо значење во светот на филмаџиите затоа што започнаа да доаѓаат и „Оскаровци“.
Првиот Оскаровец кој дојде во Битола – добитник на најпрестижната филмска награда Оскар беше шведскиот камерман со светско реноме, Свен Никвист (Оскар за „Плачење и шепотења“ и „Фани и Александар“ кој имаше и номинација за „Неподнослива леснотија на постоењето“ според романот на Милан Кундер).
„Следуваа Фреди Френсис (исто така 2 оскари), преку кинематограферот Мирослав Ондричек (кинематограферот на Милош Форман, потписник нa светските хит филмови „Коса“, „Регтајм“, „Амадеус“, „Валмонт“). Со доаѓањето на трократниот оскаровец Виторио Стораро („Апокалипса денес“, „Црвените“, „Последниот кинески цар“ како и номинација за „Дик Трејси“), ИФФК „Браќа Манаки“ стана мека за кинематограферите кои со своето присуство на Фестивалот во Битола само ја зголемија тензијата како врз македонската филмска публика, така и останатите професии од светот на филмот (не само кинематографери), но и актери, актерки, филмски продуценти и други останати филмски работници. Само да споменам неколку: Бранко Лустиг (Оскари за „Шиндлерова листа“ и „Гладијатор“), преубавите Кетрин Денев, Изабел Ипер, Џулиет Бинош, Виторија Абрил, Дерил Хана, легендарните Клаудија Кардинале и кинематограферот Роџер Дикинс (Оскар за „Блејд ранер 1949“ и „1917“ и дури 14 номинации за најдобра филмска камера). Сето ова доведе до нови категории на овој Фестивал, „Моќните жени на Манаки како и воведување на нови награди: „Креативна синергија“ (Дејвид Смит и Алис Брукс) како и „Пионер во професијата“ или Trail Blazer (Ненси Шрајбер)“, рече Ставрев.
Еден краток податок како збир може само да ја зголеми математиката на овој Фестивал.
„ Имено, на црвениот тепих и на Широк сокак досега се имаат прошетано 31 филмски работник, со вкупно добиени 19 оскари и дури 66 номинации за Оскар. Во овој збир не се и гостите од оваа година, како ни оние на кои Фестивалот им додели награда за животно дело, но тие не присуствувале во Битола. Тоа се Воли Фистер и Дариус Конџи, од оваа 2025 година, како и Мајкл Балхаус и Јануш Камински, кои само со видео порака му се заблагодарија на Фестивалот за нивните награди за животно дело. Во некоја следна можност ќе продолжам со вакви информации и анегдоти за Битолскиот Фестивал „Браќа Манаки“ кој го следам сите негови изданија без да пропуштам ниту еден ден ниту една година од неговото одржување“.
Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како проект од национален интерес.




