Home » Битолскиот театар денес го одбележува својот 79.роденден

Битолскиот театар денес го одбележува својот 79.роденден

by culturalchat

Битолскиот театар како најстар театар во земјава годинава слави 79 години од првиот македонски збор изговорен на театарските штици. 79 години непрекината дејност се навистина голема бројка.

„Парови” е темата на музичко сценскиот перформанс, ској Битолскиот театар ќе го одбележи својот роденден.

Тaа вечна тема се провлекува од постоењето на светот – до денес. Пар означува две суштества заедно, двојност. Науката тврди дека може да се разликуваат четири видови на парови – според начинот на кој се развиваат нивните односи, и тоа: драматични парови, конфликтни парови, социјално ангажирани парови и занесени еден во друг партнери.На сцената можете да ги сретнете сите нив, а и сите парови сакаат да доаѓаат во театар.

„НТБ ве поканува на 14.11 во 20ч на парен датум, во непарна година, во парен час, на својот непарен 79ти роденден. И не грижете се можете да бидете и сами во пар(терот), театарот да биде Вашиот пар(тнер) !“, стои во соопштението од Битолскиот театар.

Првата театарска зграда во Битола е изградена по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша. Нејзината изградба трае долго, од 1897 година, кога се поставени темелите, до 1906, односно 1908/1909 година, кога најпосле е завршена и сцената. Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градско позориште, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.

Професионалниот театар со работа официјално започнува на 14. ноември 1944 година, изведувајќи ја едночинката на Владо Малески – Петтоимениот Ѓоре. Овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар Битола. Првите членови, основачи на Битолскиот театар се: Јорго Цаца, раководител на групата, Вера Вучкова, Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко. Првиот управник е Аки Павловски (1945).

Од 1980 година театарот работи во нов, исклучително функционален објект, кој на ансамблот му овозможува најдобри технолошки услови за работа. Денес тој е несомнено најуспешен театарски ансамбл во Македонија, афирмиран и респектиран не само во поширокиот балкански регион, туку и подалеку. Нашиот театар станува бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, достојно и гордо ги претставува насекаде во светот. За одбележувањето на роденденот беше организирана пригодна програма.

 

 

 

Related Articles