Во рамките на културниот настан „Бит Фест“, во книжарницата Book’s House се одржа промоцијата на сликовницата „Битолскиот клавир Петко“ од авторката Елена Наумовски Нена, со илустрации на Мирјана Бубевска. Настанот се одвиваше во волшебна атмосфера и предизвика огромен интерес кај публиката.Целиот прв тираж на книгата беше распродаден уште за време на промоцијата, а веќе се печати ново издание кое наскоро ќе биде достапно во книжарата Book’s House. Во своето обраќање, авторката изјави: „Клавирот Петко е упорен – па и кога пропаѓа на дното од морето, повторно сака да свири. Во тоа ја гледам поврзаноста на Петко со Битола. На Битола и јас. Упорни сме и колку и да сме на дното, јас и Битола веруваме во чуда. Го сакам овој град и ова нека биде апел во име на сите македонски автори, театарџии, актери, филмаџии, уметници – Отворете ни ја вратата и слушнете не! “
Бубевска и Наумовски најавија и идни проекти: нови детски приказни поврзани со локалната култура, а и детки сликовници кои ќе зборуваат за културата, историјата, легендите и традицијата во останатите градови низ нашата земја, персонализирани сликовници, како и мала театарска и филмска школа за деца. „Барајте ја љубовта во децата. Таму најискрено се живее!“ – додаде авторката. Со „Битолскиот клавир Петко“ започнува едно ново поглавје во современата македонска детска литература, кое го спојува автентичното битолско наследство со свежа авторска визија.