ТЕРА телевизија е една од првите приватни комерцијални ТВ станици во Република Македонија. Започна со емитување на сопствена програма на 07.04.1993 година. Првите неколку години како локална ТВ станица која го покриваше со својот сигнал градот Битола, а од 1996 година со пoставување на дополнителна предавателна мрежа ја прошири својата видливост покривајќи го Пелагонискиот регион (Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар со околините).
Беше една од првите ТВ станици која ја започна сопствената кампања против пиратството, создаде автентичен ТВ израз кој бројни ТВ станици од Македонија подоцна почнаа да го применуваат. Резултатите на истражувањата на гледаност и рејтинзите долги години ја позиционираа во првите 10 ТВ станици во Република Македонија.
Ориентирана е кон продукција на информативна програма, забавни емисии, но и документарни проекти кои беа познати по нивната уметничка вредност и по третирањето на маргинализирани теми. Особено беше значењето на ангажманот во мултиетнички проекти кои од првиот миг ја афирмираа мултилигвалноста на различните етнички заедници.
Со карактеристичен програмски концепт секојдневно обезбедува точна и навремена информација за настаните и случувањата во Битола и регионот во рубриката
Локални вести, за случувањата во државата во рубриката Македонија и за она што е актуелно во Светот. Тука се и Сервисните информации од нашето секојдневие. А секодјевието е незамисливо и без доза на Култура и Забава. За оние кои сакаат да се во тренд со светските достигнувања можат да ги следат истите во рубриката Мода, а за тоа што прават славните личности Ве информираат во Show biz.
Програмската ориентација на ТЕРА Телевизија произлегува од нејзиниот карактер на комерцијална ТВ станица со изразен информативен профил. На тој начин се дефинирани и програмските појаси. Приоритет при конципирањето на програмата има информативната програма.
Во 2014 година ТЕРА Телевизија започна со работа на својот сигнал во Full HD.
Со новиот концепт на оваа ТВ станица цврсто одлучи детално да ја третира локалната проблематика, за вредноста на вкупното живеење што ја исклучуваат припадноста на дневно-актуелните политички опции. За оваа нејзина мисија определувачка е интеракцијата со публиката. Телевизискиот третман на актуелните состојби во регионот освен во изданијата вести, се појавува и во магазинските, tаlk show програмите во која редовна е инволвираноста на граѓаните.
Овде мора да се потенцира мисијата на оваа ТВ станица во третирањето на етничките прашања и развивањето на меѓуетничките односи. Бројни се примерите на ТЕРА продукцијата во која се третираат заедничките вредности на обединувањето, а не на разидинувањето, како и соодветно однесување кон квалификацијата на одредени појави и настани.
ТЕРА телевизија беше и останува на страната на гледачите, а тие ја чувствуваат како своја телевизија. Соджините на Тера може да ги следите и на веб порталот: www.tera.mk
Среќен роденден Тера телевизија.