Home » Битола со аплауз и солзи ја дочека промоцијата на монографијата за маестро Кире Костов

Битола со аплауз и солзи ја дочека промоцијата на монографијата за маестро Кире Костов

by culturalchat

Во емотивна и достоинствена атмосфера, синоќа во Офицерски дом во Битола беше одржана првата промоција на монографијата „Кире Костов–лет на ноти и спомени“, посветена на животот и делото на еден од најзначајните македонски композитори, инструменталисти и диригенти.

Настанот ја собра семејната топлина, колеги, пријатели, почитувачи и публиката што со децении ги пее и препознава неговите композиции. Монографијата, создадена од авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, е љубовно писмо кон музиката и човекот кој остави неизбришлив белег во македонската култура.
Промоцијата ја отвори Сефедин Бајрамов со песната “Охридски спомени”, а вечерта продолжи со емотивни зборови на Кармен Костова, сопругата на маестро Костов, која ја истакна семејната борба и љубов за да се реализира оваа монографија. Настанот беше збогатен и со сеќавања од колеги, пријатели и градски дејци, меѓу кои и потсетување на детскиот фестивал СИ-ДО, чие основање беше поврзано со визијата на Костов.
„Кире Костов никогаш не беше само маестро-тој беше дел од нашите семејни разговори, име што се изговараше со почит и со тивка гордост дека токму Битола го има родено,“ беше речено во емотивниот вовед на вечерта од Љубица Ангелкова која ја водеше промоцијата како разговор со публиката, а не како класична промоција. Оваа книга е сведоштво дека големите уметници никогаш не заминуваат, тие живеат во секоја нота, во секое сеќавање, во секој аплауз.
„На Кире никогаш не му беше тешко да пишува музика – тоа му беше најлесното нешто на светот, неговиот природен јазик. Тешко му беа сите други работи, административните ситници што не ги сакаше. Единствено моментите пред да се роди композицијата беа обвиени со тензии – тогаш им велев на децата: ‘тишина, татко ви пишува песна’. Но кога нотите ќе се сложeа, сè стануваше лесно, едноставно, како здив.“ – рече сопругата Кармен Костова на промоцијата на монографијата во Офицерскиот дом во Битола.

“Битола вечерва домаќин на една многу значајна промоција. Таа промоција беше сведок на љубов, љубов на едно семејство што реши да го овековечи својот најблизок, но и љубов на градот што никогаш не ги заборава своите големи луѓе.
Кире Костов одамна престана да биде само музичар. Тој е дел од нашата биографија, дел од онаа тивка гордост што ја носиме кога велиме … од Битола сум.”-истакна пред присутните градоначалникот на Битола, Д-р Тони Коњановски.
Битфест застана како организатор на овој настан, а Општина Битола помогна во издавањето на монографијата. “Монографијата ‘Кире Костов е враќање на еден голем човек. И чест е што токму Битола беше првата станица на ова патување.”-додаде Коњановски.
Настанот заврши со повторна изведба на Сефедин Бајрамов, со последната компонираат која Кире Костов ја напиша за него и аплауз кој траеше долго, како потврда дека маестро Костов продолжува да живее низ музиката. Монографијата ќе има своја радио-промоција на Радио Буба Мара кај Ранко Петровиќ, а во ноември во Скопје е најавен голем концерт посветен на Кире Костов – со неговата музика, пријатели и соработници на сцената.

Фотографии Сашо Ставрев

Related Articles