Home » Битола наскоро центар на светската џез култура со 7.Џез фактори фестивал

Битола наскоро центар на светската џез култура со 7.Џез фактори фестивал

by culturalchat

Годинешното 7.по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, ќе се одржи од 03-ти до 06-ти Април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола .

„Низ годините, се трудиме со организирање на фестивалот да го збогатиме културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите“, изјави директорот и основач на Џез Фактори Фестивал професорот Сашо Поповски.

Фестивалот ќе биде отворен со промоцијата на книгите “Радио“ и “Неправилен ритам“ на авторот Љупчо Јолевски. Следниот ден е резервиран за настапот на Јулиа Сиедл Трио од (Австрија) и Николас Гардел Трио од (Франција) на сцена на Народен Театар од 20ч, а програмата продолжува со настапот на Максимовски Јунајтед во Порта Џез од 22ч. На 5 Април концерти ќе одржат Гоце Мицанов Трио (Македонија)  и UNLEASHED COOPERATION од (Полска). Во Паб Бурбон Стрит преку поддршка на локалната културна сцена во Битола, програмата продолжува со диџеј сетот на Иле The Hair.

Последниот ден е резервиран за работилницата за изработка на  гитари на Ивица Јорданов, настапот на Сара Ташкоска Квартет во Камарите, годишната конференција на Асоцијацијата на Џез фестивали во Битолскиот театар, а вечерта фестивалот ќе биде затворен со концертите на Сакис Пападимитриу од (Грција) и Ossa Квартет од (Србија). Во Камарите ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2023 во соработка со Општина Битола.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Полска, Амабасадата на Австрија и Генералниот Конзулат на Грција во Битола.

Во изминатите години на фестивалот настапија врвни уметници од Македонија и странство меѓу кои: Баба Сиссоко (Мали), Баптист Хербин (Франција), Ермано Панта (Шпанија), Теодосиј Спасов – (Бугарија), Васил Хаџиманов – (Србија), Куарем Квартет (Франција), Наташа Роџерс (Франција), Хјуман Тач (Грција), Фишерманс Оркестар (Швајцарија), Ликвид Карпет (Словенија), Фанфара Статион (Италија), Арменд Џафери (Косово), АЈС Квартет (Албанија), Славен Љујич (Црна Гора), Милан Пертовиќ (Србија), Тони Китановски, Џијан Емин, Гоце Мицанов, и др.  Годишно фестивалот реализира 9 концерти и 5 пратечки настани на сцената на Народен Театар Битола, како и локалните клубови и културни сцени со посетеност од над 2000 посетители.

Посветеноста, беспрекорната организација и реализација на Џез Фабрика Фестивал ја препозна и Европската Асоцијација на Фестивали ЕФФЕ и за периодот 2019 – 2024г. на фестивалот му го додели нивниот амблем за “Remarkable Arts Festival”. Џез Фабрика Фестивал во 2020г. е избран од страна на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот за учество во програмата за соработка и асоцијација.

Од 2022г. фестивалот е дел и од асоцијацијата на џез фестивали – Скопје во партнерство со: Равне џез фестивал (Словенија), Трансилванија џез фестивал (Романија), Кикинда џез фестивал (Србија) и Модоарс фестивал (Македонија). Од 2021 Џез Фабрика Фестивал Битола е дел од проектот Франција – Балкан Џез Мрежа во партнерство со џез фестивалите од Франција: Дижон, Шамбери и Рона-Алпи, како и Балканските џез фестивали: Нишвил, Подгорица и Тирана.

Влезниците освен на билетарата на Народниот театар Битола, може да се набават и онлајн преку веб страната на Џез фактори фестивалот како и преку страната на Битолскиот театар за што дополнително ќе информираме. За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.

 

 

Related Articles