Вечер во Битола започнува 18.издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал Локум фест-музика и традиција 2024, со концертниот настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими на платото на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, со почеток во 20.30 ч, а потоа следува настапот канадската група „Думаи Дунаи“ во клубот „Везилка“ од 22.30.Мухамед Ибрахими е мултиинструменталист на жичани инструменти од Скопје. Својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и албанскиот (балканскиот) фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Зад себе има два албуми Devotion , Fly.
Локум фест е единствен од ваков тип во земјата, а поради неговата автентичност и континуитет, препознатлив е како на регионално така и на европско ниво. „Локум фест“ е член на неколку професионални фестивалски асоцијации, меѓу која и европската Most music. Започна пред 18 години во Старата битолска чаршија. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречекаат соседот, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба меѓу културите. Всушност, една од главните функции на фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, „fusion“, „world music“) да се покажат целиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола. Во изминатите седумнаесет години на „Локум фест“ настапиле над 100 музички ансамбли од над 25 земји од регионот и светот.
На сцената во старата чаршија, Офицерскиот дом, Заводот и Музеј, Хераклеја, Широк сокак, настапувале речиси сите релевантни музички имиња од Македонија, како: Баклава, Чалгија саудн систем, Љубојна, Монистра, Тони Китановски и Черкези оркестар, Зоран Џорлев, Стевче Стојковски, Даутовски, Вања Лазарова итн. Карактеристично за „Локум фест“ е што користи културно-историски локации како отворени сценски простори, истовремено промовирајќи ги како културно-туристички атрибут. Фестивалот припаѓа на групата heritage festivals промовирајќи живо културно наследство како дел од колективната меморија. Изминатите години беа оддржани 17 саеми на креативна индустрија со ЗУР „Македонски ракотворби“, како и изложби на раритети од семејни колекции и од Државниот архив на Македонија – одделение Битола. „Годинава, фестивалот го одбележува своето полнолетство, а програмата е конципирана со музички настани, кои во себе кријат амалгам на култури и влијанија типични за регионот и овој дел на Европа“, велат организаторите.
Целокупната програма на фестивалот ќе се реализира на платото на Офицерскиот дом-КИЦ Битола.