Годинешното 6.по ред издание на Џез фактори фестивалот, се одржа од 13-ти до 15-ти април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар Битола. Целта за одржување на ЏФФ. е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите.
Директорот и основач на Џез фактори фестивалот, професорот Сашо Поповски истакна дека е задоволен од годинешното издание, а посебно го радува тоа што и публиката е задоволна. Тоа го докажаа долготрајните аплаузи после концертите, полните сали, барањата за карта повеќе на секој концерт, дружењето и после концертите.
Фестивалот беше отворен со настапот на Баба Сисоко од Африка, Тони Китановски од Македонија и Васил Хаџиманов од Србија во Битолскиот театар. Следуваше настапот на Славен Љујиќ триото од Црна Гора и Баптист Хербин од Франција. Следниот ден беше резервиран за настапот на Милан Петровиќ квартетот од Србија и Liquid Carpet од Словенија. Последниот ден во НУ. Народен театар Битола беше доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2022 во соработка со Општина Битола. Оваа година наградата отиде во рацете на Јован Цветковиќ. После тоа следуваше настапот на Vertitur, non mutatur и Џијан Емин од Македонија.
Како дел од споредната програма беа: изложбата на фотографии под наслов “5 години Џез Фестивал во Битола“ на авторот Даниел Ѓурчиновски во Културно информативниот центар – Битола, настапот на Arnau Garrofé Farràs Quartet“, Иле Косата настапи заедно со Стефан Тасевски, а последниот ден беше резервиран за United Group Department feat Леана Таќи од Македонија. Во рамките на програмата беше одржана и конференцијата RJFB France- Balkan Jazz Network. Џез фактори фестивалот придонесува за интензивирање на регионалната соработка и вмрежување, како и размена на артисти со сродни манифестации и стимулирање и промоција на авторскиот труд и продукција. За впечатоците од годинешното издание проф.Поповски ни рече:
С.П.- Нескромно ќе кажам дека го имавме најдоброто издание во историјата на фестивалот, како од страна на посетеност, квалитет на артисти и организација, така и од страна на медиумска покриеност и видливост на проектот.
Успехот кој нашиот мал тим го постигна со шестото издание на Џез Фабрика Фестивал Битола, ќе биде исклучително тешко да се повтори, најмногу поради скромниот буџет со кој го реализираме фестивалот и секако константниот раст на трошоците (авио билети, локален транспорт, сместување и сл..).
За жал и покрај сите тие наши мали победи, континуиран раст, презентирање на светски артисти од нај висок ранг, креирање на оригинални проекти, промоција на Македонските џез уметници и зголемување на квалитетот на Македонската џез сцена, сеуште не успеваме да бидеме препознаени од страна на Министерството за култура како сериозен проект и нивниот став кој ЏФФ во најмала рака останува понижувачки. Во 2022 Министерството за култура ни додели фантастични 0 (нула) денари за реализација на проектот а додека во 2023 нашиот Џез Фабрика Фестивал Битола го смести во 4 (четврта категорија – минимални 51 бод ) во рангот на детски фестивали или соло концерти и ни додели 153 000ден (јавно објавени средства на страната на Министерството) што е доказ дека комисиите се тотално не-компетентни да ги оценуваат реално проектите од Македонската џез сцена и дека не го познаваат обемот и квалитетот на нашиот фестивал покрај огромниот број на материјали кои како завршни документи секоја година ги доставуваме во истото министерство.
Сепак светла точка на ова шесто издание е што Министерката за култура лично го посети нашиот фестивал – што е прв министер за култура во историјата на фестивалот што го сторил тоа и имаше можност лично да се запознае со високиот квалитет на овој светски проект, што во иднина дава надеж дека работите сепак ќе се поместат од мртва точка во однос на ресорното министерство.
Како течеше годинешното издание на ЏФФ.?
С.П.- Фестивалот помина во нај добар ред, програмата беше реализирана во целост, артистите беа воодушевени од публиката, сцената, звукот и светлото, како и од логистиката и организацијата.
За Битолската публика имам само нај највисоко мислење и длабоко верувам дека ја имаме потврдено нај КУЛТУРНАТА и едуцирана џез публика во Македонија.
Што беше новина оваа година?
С.П.- Оваа година го задржавме моделот 3 фестивалски денови 9 концерти од кои 6 концерти се реализираа на сцена на НУ Народен Театар Битола, и 3 концерти од страничната програма ги реализиравме во соработка со клубовите од локалната културна сцена во градот и тоа Камарите, Порта Џез и Паб Бурбон. Новина беше отворањето на фестивалот на 8. Април со поставување на изложбата под наслов „5 години џез фестивал во Битола“ од авторот Даниел Ѓурчиновски во КИЦ Битола (Офицерски дом) каде беа претставени 32 платна – фотографии од музичари кои настапиле на фестивалот во изминатите 5 години.
Во соработка со Општина Битола ја реализиравме четвртата и последна средба од првата фаза на проектот Франција Балкан Џез Мрежа – проект поддржан од Министерството за надворешни работи на Франција, и секако традиционално ја доделивме наградата Гоце Димитровски – за најдобар млад џез музичар во 2022 година.
Како се одлучивте за наградата на кого да му ја доделите?
С.П.- Како професор на Џез одделот при Музичката Академија – УГД Штип , од прва рака сум запознаен со квалитетот, потенцијалот како и напредокот на младите џез музичари идни артисти кои во годините што следат ќе го понесат товарот за напредок и развивање на Македонската џез сцена. Токму Јован Цветковиќ е еден таков млад човек кој со својот труд и посветеност направи голем скок во развојот, и ние како тим решивме токму тој да ја добие наградата оваа година.
На Јован (дипломиран џез пијанист) од срце му посакуваме успех во кариерата и животот како и идна академска надоградба и се надеваме дека токму оваа награда ќе го стимулира за остварување на сопствените животни цели.
За овогодинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.
Фестивалот се организираше под покровителство на Општина Битола со поддршка од НУ Народен Театар Битола, КИЦ- Битола (Офицерски дом) и Министерството за култура.
Фотографии: Вера Христовска, Ивона Кочов, Битола Њуз