Во присуство на бројни битолчани, гостите на фестивалот „Браќа Манаки“ од Македонија и странство, беа откриени три ѕвезди од „Патеката на славните“ на Широк Сокак, посветени на кинематограферите, лауреатите на фестивалот.Првите две ѕвезди во чест на пионерите на филмската уметност, Јанаки и Милтон Манаки, се пред Киното Манаки и беа откриени од страна на нивниот внук Милтон. На настанот се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.Следната ѕвезда која беше откриена припаѓа на реномираниот Данте Спиноти, додека во наредните денови ќе бидат откриени уште 18 ѕвезди.Божиновски часовници и накит , кои стојат зад идејното решение, ги изработија ѕвездите од месинг со внимателно изгравирани имиња на лауреатите и вградени во мермерни плочи. Гранитните плочи, идентични со оние што го поплочуваат Широк Сокак, ги изработи компанијата Крин од Прилеп, а ги постави компанијата Македонски глас. Неколкумина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на чинот каде што секој ќе ја открие својата ѕвезда, прославувајќи ја врската помеѓу Битола и светот на кинематографијата. „Патеката на славните“ започнува пред Киното Манаки и се протега кон Офицерскиот дом, а со ова Битола стана единствен град во светот со Патека на славните посветена на кинематограферите.