Home » „Бестрашната четворка“, најнова премиера на Марјан Неќак во Марибор

„Бестрашната четворка“, најнова премиера на Марјан Неќак во Марибор

by culturalchat

Премиерата на претставата „Бестрашната четворка“, (Štirje neustrašni), во режија на Марјан Неќак, ќе се одржи во сабота во Големата сала на Куклениот театар Марибор (LGM), на 4 октомври. Текстот за истата го напиша Саша Ержен, а е заснован на познатата бајка од браќата Грим „Бременските музичари“. Задржани се ликовите од оригиналната приказна – магарето, кучето, мачката и петелот – но, сместени во современо време. Режисерот и авторот на музиката, Марјан Неќак, за кого ова е четврта соработка со овој театар, ни изјави дека ова е многу важна приказна за денешното време.

„ Она што ме привлече во оваа басна е нејзината повеќеслојност. На прв поглед, станува збор за басна за животни кои нивните сопственици ги отфрлаат бидејќи се „непотребни“. Но, зад таа едноставна приказна се крие силна и современа порака: во нашето општество често се откажуваме од оние кои повеќе не ги исполнуваат очекувањата било да се работи за постари лица, слабите или оние кои не носат брза корист, токму во тоа ја гледам современоста на темата. Магарето,кучето, мачката и петелот не се херои затоа што се моќни, туку затоа што не се предаваат и во пријателството и заедништвото наоѓаат нова цел“.Преку хумор, музика и игра, претставата нуди весела, динамична приказна, но и силна животна лекција.

„Децата ќе ја препознаат вредноста на пријателството, солидарноста и храброста, а возрасните можеби ќе се видат во критичко огледало на нашето општество. Децата не смееме да ги потценуваме, тие пораката ја разбираат јасно и искрено, понекогаш и подлабоко од нас возрасните. Во оваа претстава ми беше исклучително важно да ги спојам класичните бајковити мотиви со елементи од нашето секојдневие. На тој начин приказната живее во сегашноста и публиката може да ја доживее како своја. Токму тој спој создава театарски јазик кој е универзален, а сепак длабоко препознатлив – и за децата и за возрасните.Oваa претстава не е само театарска игра – туку и покана за размислување: како гледаме на другите и дали сме спремни да ја најдеме вредноста таму каде што другите повеќе не ја гледаат. Верувам дека публиката ќе излезе збогатена – едни со насмевка, други со прашање кое долго ќе го носат со себе“, додава режисерот.

Претставата има комплексен аранжман, со различни музички стилови, методи на свирење и видови кукли, кои успешно се комбинирани во една целина. Ова е претстава што е важна и за децата и за возрасните.Саша Ержен ја драматизираше приказната на иницијатива на режисерот. Автор на визуелниот дизајн и сликање на кукли и сценски елементи е Дамијан Степанчич, сценски движења Каја Лоренци, драматург Катарина Кланчник Коцутар, лектор Метка Дамјан, светло Миљенко Кнезоци, тон мајстор Клара Форштнерич, сценски техничар Светлана Малоич.Технолози за кукли: Мојца Брењак, Тин Маруш, Дарка Ердељи. Изработувачи на кукли, сценографија и костуми: Луцијан Јошт, Митја Пастрик, Бранко Цесерман, Златко Мешич. Во претставата играат Барбара Јамшек, Урша Кавчич, Миха Безељак и Грегор Прах.

Фотограф Боштјан Лах.

 

 

Related Articles