Home » Белградската претстава „Вујко Вања“ го затвори 62.издание на „Охридско лето“

Белградската претстава „Вујко Вања“ го затвори 62.издание на „Охридско лето“

by culturalchat

Југословенскиот народен театар од Белград, Србија на Античкиот театар со Чеховата „Вујко Вања“, а во режија на Егон Савин, ја спушти завесата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

„ Чехов претставува еден вектор којшто ја одредува количината на несреќа и квалитетот на болка и никој како него не може да го опише тој жеден мазохист за страдање кој се наоѓа во нашите бедни, мали и промашени животи, како и оној порив да се направи нешто и да се тргне некаде без притоа да се направи ниту еден чекор “– кажа драмската селекторка Сања Арсовска.

Директорката на Југословенскиот народен театар Белград, Тамара Вучковиќ Манојловиќ на прес-конференцијата потсети дека Југословенскиот народен театар Белград беше создаден во далечната 1947 година со идеја да ги собере на едно место најдобрите уметници од целата поранешна југословенска земја, она што денес го нарекуваме цел регион.

„ Во Југословенскиот народен театар работеле и работат Слободан Унковски, Александар Поповски и Дејан Дуковски, покојниот Горан Стефановски и бројни други уметници од целиот регион. Југословенскиот драмски театар има сериозен континуитет во меѓународната соработка, учествува на фестивали ширум светот и разменува претстави со театарски куќи од целиот свет, од Јужна Америка преку Европа, Русија, до Кина. Она што е исто така важно да се каже, е дека Егон Савин е еден од најеминентните режисери кој работи во целиот регион и редовно во Југословенскиот народен театар “.

Познатиот и признат режисер Егон Савин, не го криеше задоволството што повторно, како и минатата година ја имаше честа да го затвори фестивалот „Охридско лето“ со исклучително квалитетна театарска претстава.

„ Ги сакам Охрид и Скопје, сакам да работам во Македонија, ја сакам оваа средина колку што го сакам Белград во кој живеам. Го сметам за успех тоа што кога некаде работам нешто, да стекнам пријатели таму. Тоа секогаш ми се случува во Македонија затоа ја издвојувам оваа средина од сите во кои сум работел, а сум работел во сите поранешни региони во поранешна Југославија и надвор од неа. Чехов е најсуптилен меѓу писателите за театар, Чехов од некои причини, е писател за човечката интима и тешко е да се игра на големи сцени и на отворен простор зашто тој во својата природа е камерен писател и неспоредливо е важна импресијата од експресијата. Веруваме дека сме направиле добра претстава.“.

 

Related Articles