Виолинистот Владимир Костов настапи со оркестарот на Филхармонијата на концертот насловен „Вида“, а настапи и со чембалистката Цветанка Созовска.
„ Во Филхармонија направивме маѓија од музика и емоции. Да имаш вакви колеги е привилегија ,да свириш со нив,да создаваш музика е уживање. Заедно создадовме љубов,со публиката создадовме незаборавен флуид и уживање. Бескрајно сум благодарен на сите. Цветанка Созовска уште повеќе ни го долови раскошот на барокот . Овој концерт ми значи еден цел универзум….Им честитам на сите поединечно“, истакна Владимир.
Костов (1975) е роден во Битола каде што го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози.
Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќепати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и во Азија и соработувајќи со врвни диригенти. Неговата приказна со Филхармонијата почнува уште во студентските денови. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин-фест“. Моментално работи како концерт-мајстор во Националната филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Како солист со Македонската филхармонија има настапувано неколку пати досега, изведувајќи ги Концертот за виолина и виола од Моцарт, Концертот за виолина и виолончело од Брамс, премиерно го изведе и Концертот за виолина на Глас, како и Концертната пиеса за две виолини од Шнитке „Моц-Арт ала Хајдн“. Интересен е фактот што на овој концерт немаше диригент. Минатата година Костов беше дел и од балканската турнеја на познатиот No borders Orchestrа, кој е составен од најдобрите професионални музичари од Балканот како концерт-мајстор и солист.
На програмата на концертот беа изведени дела исклучиво од барокни автори и тоа Корели, Вивалди, Порпора, Макс Рихтер.