Home » „Балканско патување“-концерт на Пламенка Трајковска квартет во Битола

„Балканско патување“-концерт на Пламенка Трајковска квартет во Битола

by culturalchat

Во рамките на 54. фестивал „Илинденски денови“, гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска одржa концерт на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Концертот беше со наслов „Балканско патување“ и претставува музички истражувачки проект во кој преку одделните композиции од балканските земји се доловуваат заедничките музички корени на балканските простори. На концертот беа изведени нови аранжмани за гудачки квартет базирани на балкански фолклорни теми во аранжман на Пламенка Трајковска.„Балканско патување“ се осврнува кон богатата балканска музичка ризница, а посебен осврт е направен на одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на целиот регион и за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користеа како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет. Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција“, вели Трајковска.Во гудачкиот квартет  покрај Трајковска, учествуваа Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Концертот се реализираше со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола.Виолинистката Пламенка Трајковска досега има настапувано на речиси сите позначајни сцени и фестивали кај нас, а има реализирано концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и во Турција. Работи во Филхармонијата и со „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Оваа година таа настапи на концерт на престижниот фестивал „Жените од светот“ што се одржа во Истанбул и ја изведе својата композиција со наслов „Ламенто вело’ за соло виолина, која се базира на звуците од градот Скопје и на фолклорна тема заедничка за балканските простори.

 

Related Articles