Под мотото „Ослободи ја својата фантазија“, од 27 до 30 септември се одржува второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ чија програма годинава е посветена на малите театарски форми.
На истиот денес со почеток од 17 часот,на сцената на Театар за деца и младинци – Скопје, ќе биде изведена претставата „Бременските музиканти“ на Театарот „Бабец“ од Битола. Се работи за драмска, играна претстава (5+) во режија на Васко Мавровски. Автор: по мотиви на истоимената бајка од браќата Грим. Сценографија: Васко Мавровски, Цветан Јовановски, светло: Игор Мицевски, костими, тон, избор на музика: Васко Мавровски. Во претставата играат:Јулијана Мирчевска, Николче Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Катерина Аневска.
Ова е нова визуелизација на познатата бајка од браќата Грим.
„Основната причина за која се одлучивме да ја поставиме оваа претстава е суровоста и „збунетоста“ на човекот кон животните, природата и кон останатите од неговиот род, нереалните очекувања и желбата за владеење со се’ од една страна и желбата на животните односно на сите живи суштества за слободен избор, благосостојба и подобар живот. Актерската игра е исполнета со многу танци, комични сцени, класична музика преработена во модерен призвук надополнета со нови визуелни решенија и магични ефекти за ново незаборавно доживување на децата“, истакнуваат од Бабец театарот.
Фестивалот „Игор Маџиров“ беше отворен со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а на истиот ќе се прикажат и : „Шума од песни“ на Институтот „Кускус“, арт-продукција, од Љубљана, Словенија, „Ова сум јас“ на Театарот „Поко локо“ од Загреб; „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ; „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци; „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
На Фестивалот, покрај „Гран при“, ќе бидат доделени и: награда за најдобра режија, две актерски награди, награда за сценографија, награда за коситмографија и специјална награда. Стручното жири е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, претседател, и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на Фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на „Стериин театар“. Новитет за оваа година е што ќе биде воведено и детско жири кое ќе има задача да ја оцени и да ја награди најдобрата претстава на Фестивалот по свој избор.
Претставите на Фестивалот, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура, ќе се изведуваат на сцените на: ТДМ, Театар „Комедија“, МНТ, Албански театар за деца и млади.