На 03.10 (четврток) со почеток од 11:00 часот, во Театарот за деца и младинци, Бабец театарот од Битола, ќе ја изведе претставата „На гости кај Кате и Фреда“, по делото на Ингеборг Фон Задов, режија Јован Ристевски. Изведбата е во рамките на Интернационалниот фестивал за детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје.Драмскиот детски текст “На гости кај Кат и Фреда” важи за еден од најдобрите германски современи драмски дела наменети за детската популација, односно за возраст од 5 +. Во Македонија за прв пат е поставена детска германска драматургија. Оваа исклучителна драма е важна бидејќи ја разработува темата за промени, инклузија, прифаќање и неприфаќањето на различностите и една од најважните теми – емпатијата. Фабуларната приказна на современиот германски драмски текст кој ја разработува темата за социјална кохезија и емпатија е современа приказна за две другарки кои прифаќаат да дојде непознат гостин кај нив дома. Преку присуството на третиот лик кој доаѓа на гости двете најдобри другарки ги изместува од нивната комфортна зона. Преку присуството на непознатото трето девојче, се откриваат различни однесувања и ставови на двете најдобри другарки, преку кој се открива чинот на прифаќањето или не прифаќањето, флексибилноста за промени, стравот од непознатото, чувството за солударност и спротивно на тоа, себичноста. Авторката нуди прекрасна приказна за разојот на емпатијата помеѓу луѓето, децата – особено кон незаштитените и ранливи групи. Театарскиот проект се залага за правилен развој на децата, поттикнување на емоционална интелигенција преку осознавање на меѓучовечките релации. Овој германски текст беше успешно реализиран во 14 театри во Германија, Швајцарија, Шведска и Камбоџа. Преведен е на 12 јазици.Целта на оваа претстава е да се упати порака дека ништо друго, ниту изгледот, ниту материјалните средства не се важни во животот, како што е однесувањето. Доколку го живееме животот чесно, со добро срце и љубезен однос кон сите ќе напишеме приказна која вреди да се раскажува. Со оваа претстава Бабец театар гостуваше и во Албанија во рамките на Македонското културно лето. Играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска, Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, дизајн на светло Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше изведена во рамките на ИДТФ Битолино, по повод 14.роденден на Бабец театарот. Времетраење: 45 мин.