Во Офицерскиот дом, беше отворена изложбата „Фотоспоменар Илинденски денови 1973–1983“ на Атанас Нашоку – Саку. Тој како битолски фото-мајстор со над 55 години творештво, со објектив што уловува магија, мимолетни моменти и лица полни со живот, потврди дека создава визуелен дијалог меѓу минатото и денес. Изложбата е врата кон историјата на Илинденски денови, но без звуци.
„Ве очекуваме да ја доживеете историјата и спомените на начин што само вистинската фотографија може да ги пренесе“, беше истакнато на отворањето. Зашто кога Саку излага – не се гледа само што има на фотографијата. Се гледа како се живеело тогаш. Се гледаат чевли што се влечат по калдрма, раце што се фаќаат во орото, ткаенина што се лелее со ветерот. Се чувствува нешто што денес ретко се фаќа: човекот. Не позата. Туку срамежливиот поглед пред камера. Насмевката што не знае дека ќе биде развиена на хартија. Дедото што само дошол да гледа – и останал засекогаш во кадарот.
САКУ не фотографирал за изложби. Тој фотографирал за да не заборавиме. Секој што влезе синоќа – не гледаше уметност. Гледаше историја. Лична. Нечија. Нашата. Изложбата останува отворена во Офицерскиот дом, како дел од 55. „Илинденски денови“.
„А ти – ако сакаш да почувствуваш што значи слика пред ерата на селфито – оди“.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
previous post