Home » Ареа и Архангел на Битола отворен град

Ареа и Архангел на Битола отворен град

by culturalchat

Двете легендарни македонски групи Архангел и Ареа, настапија на годинешното издание на Битола отворен град. Архангел е синоним за македонска музичка авангарда од 1988. Легендарните песни на овој бенд биле поврзани со општествените случувања од транзицијата, меѓучовечките односи, вредностите, љубовта. Ристо Вртев – фронтменот на АРХАНГЕЛ со својата појава од крајот на 80-тите извршил неверојатно влијание на публиката и воопшто на културата во осумдесеттите и деведесеттите.„Сè уште сме заглавени во т.н. транзиција, така што моите песни не изгубија ништо од актуелноста. На моите настапи гледам луѓе од мојата генерација, па сè до најновите генерации.За влијанијата навистина не знам, не се занимавам со тоа, но мојот впечаток е дека преку песните споделуваме нешто заедничко. Дека не сме осамени во овој свет, кој ја загубил својата морална и етичка суштина и чувството за правда, тоа се универзални категории, а тоа е токму она што ги одвојува луѓето и животните” – ќе изјави тој во едно свое интервју.Неговите песни живеат меѓу луѓето од повеќе генерации. Тој стои мирно пред тој факт. И денес после толку многу години, АРХАНГЕЛ е актуелен.Нивниот опус стои како емоција во нашата колективна меморија, па и денес во вака конституиран суров свет каде токму емоциите губат на значење. Меѓутоа, кога човек ќе ги потисне емоциите, тие му се враќаат „како казна, како горка измама“ ќе кажат стиховите на Вртев. Ќе живее таа сеопфатна љубов кон овој култен бенд кој настапи во Битола.АРЕА е македонска рок приказна која трае. Бенд кој функционира повеќе од три децении, а вокалистката Ружица Милошеска Бричоска и нејзиниот сопруг Ивица, кој е гитарист во бендот, направија музичка револуција на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, кога се појавија на сцената. Започнаа со дебитантскиот албум ,,Случајно тука”, а во 2000 година со хитот ,,Сите мои слики” покажаа дека се еден од најквалитетните бендови на нашата сцена.

фото | Диоген Хаџи Коста Милевски

 

Related Articles