Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак.
А на Дембел чаршија кафе ќе се напијам, младост мило ќе си спомињам.
Ако одам во Битола, ќе нарачам до три пајтона.
Први мене ќе носи, в’ други чалгии ќе свират, в’ трети товар, мерак ќе носам.
Еј, мори моме, како да речам, за Солуна, за Стамбола, неја не давам.
Битола во срцето, Битола инспирација за многу песни, Битола мотивација за успешно градење на една приказна, која 54 години опстојува во нашиот град. Илинденски денови фестивал кој го пречекува светот во Битола, но и ја претставува Битола низ светот. Фестивал кој за директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски е непресушна инспирација кон вткајување на онаа македонска нишка во секој сегмент од опстојувањето. Во презентирањето на истиот како една комплетна визуелно уметничка слика. Од тука и појавувањето нејзино на отварањето на фестивалот минатата година во народна носија, а оваа година во креација на дизајнерот Александар Ортаковски, во модел дел од неговата колекција Македона, а инспириран токму од народната носија.Модел кој Андоновска Илијевски одлично знае да го носи и достојно претстави, надополнет со невестински накит на нејзината покојна баба Блага, која ја порасна Маја со љубов кон традицијата.На отварањето директорката истакна:
“Добредојдовте во Битола, мојот град кој широко го прегрнува целиот свет, мојата стара дама, мојата конзулка која го говори јазикот на уметноста, пријателството, љубовта, музиката, танцот. А тие ќе ја разубавуваат со цел свој раскош старата битолска чаршија, плоштадот Магнолија, Широк сокак и офицерскиот дом наредните 6 дена. Мојата-нашата Битола, која е град на културата и уметноста, градот на Илинденски денови -чувар на традицијата. А традицијата… таа е поголема од секој од нас. Ако е светот една голема уметничка инсталација, на неа голем дел припаѓа на традицијата. Онаа традиција која многу често ја земаме здраво за готово,како да ни е дадена на подарок од предците , а всушност токму таа не дефинира како народи, не издвојува како уникати и не испреплетува со колективниот идентитет на човештвото. Горда на мојот идентитет – спој на традиција, раст, емпатија и желба за подобра иднина, се залагам да ја славиме различноста што го збогатува нашиот свет и да работиме рака под рака за да изградиме поубав, поинклузивен, посреќен свет. Фестивалот Илинденски денови ја слави Уметноста на традицијата веќе 54 години, и токму традицијата ја поставува како цврст темел за издигнување на нашиот фестивал меѓу фестивалите на ЦИОФФ под Унеско, фестивал кој на светот широко му ја отвора вратата на нашиот град и држава, доближувајќи го до светот 7/8 такт, звукот на зурлата и тапанот, одигрувајќи му го Тешкото и Комитското оро , фалејќи се со богатите македонски народни носии и натпевајќи ги и славеите со песна”.Oд друга страна, фестивалот градот ни го обојува во танци, ритми и музики на земји далечни кои доаѓаат од различни континенти, докажувајќи дека на уметноста на традицијата не и треба јазик кој го говориме сите, песна која ја пееме сите, оро кое го знаеме сите.
„Традицијата сите не вткајува во едно уметничко ремек дело. Ќе се цитирам себе си и ќе се повторам, дека овој фестивал служи како доказ за богатсвото и издржливоста на нашето културно наследство, потсетувајќи нè дека и покрај одминувањето на времето, нашите традиции продолжуваат да не инспирираат, едуцираат и маѓепсуваат со својата уникатност, Илинденски денови е фестивал кој не потсетува дека традицијата останува жива и релевантна иако нашиот свет брзо се менува. Наша задача е аманетот да го предаваме на идните генерации и да го прифатат овој фестивал како можност за учење, поврзување и ценење на таписеријата на културите исткаени овде . Да инспирираме нови генерации етнолози, етнокореолози, фолклорни работници, играорци, музичари,уметници кои ќе продолжат да ги градат мостовите на разбирање и пријателство кои ги надминуваат границите. Им посакувам добредојде на гостите од Турција, Северен Кипар, Србија, Јужна Кореа, Боливија, Мексико, Америка, Романија и сите македонски ансамбли кои годинава ќе ја освојуваат нашата федтивалска сцена. А за крај ќе завршам со мисла на големиот Горан Стефановски која вели: „Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“ Нека ни е за многу години Илинденски денови и уметноста на традицијата нека ни живее вечно и нека го обојува нашиот град преку фестивалот Илинденски денови“, додава Андоновска Илијевски.