Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија ја имаше својата премиера во САД на фестивалот „DANCES WITH FILMS“. Се работи за еден од најзначајните фестивали на независната филмска индустрија надвор од Холивуд. По 25 години одржување во легендарниот Chinese Theatre во Лос Ангелес, фестивалот се сели во срцето на Њујорк, повторно на култна локација – Regal Union Square Theatre во Менхетен. Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу “десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според CNN, важи за “лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како “нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.
Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму на официјалната селекција на овој фестивал ја претставуваше македонската кинематографија пред американската публика. По премиерата, се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.
Филмот е работен по сценарио на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и режисерот Тозија, а работен е со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург, со мнозинска македонска продукција.Улогите ги толуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.