Home » Алпска експедиција на битолските планинари

Алпска експедиција на битолските планинари

by culturalchat

Во организација на ПСК Ѓорѓи Наумов од 6ти – 15ти Август 2024г беше остварена Алпска експедиција во која учество зедоа шест членови на ПСК Ѓорѓи Наумов и по еден член од ПСК Пелистер и ПСК Копанки, сите од Битола. Главна цел на оваа експедиција беше искачување на највисокиот врв на Алпите и западна Европа, врвот Мон Блан 4810мнв по нормалната рута од француска страна (Гуте рутата). Како припрема на телото за предизвиците кои ги носат високите надморски висини, претходно беше остварена тура за аклиматизација на Пенинските алпи во северозападна Италија, каде што беа искачени врвовите западен Брајтхорн 4164мнв, централен Брајтхорн 4154мнв и Кастор 4223мнв.Експедицијата започнала на 6ти Август со дваесет и две часовно патување од Битола до Понт Ст. Мартин, мало селце во источниот дел на долината Аоста каде што по еден ден одмор од напорниот пат групата се упати кон Червинија, познат ски центар на Пенинските алпи. Со жичара од Червинија групата се упати до Платото Роса на 3400мнв каде што започна искачувањето на врвовите Брајтхорн (западен и централен). Ски стазите сместени на ова плато го преставуваат првиот дел од патеката која носи до глечерот во подножјето на врвовите. Источното лице на Червино (Матерхорн) го збогатува пејсажот на и така прекрасната глетка наоколу во текот на цело искачување. Набргу започнува главната нагорнина од западната страна кон врвот Брајтхорн кој важи за еден од полесните на Алпите, што го прави речиси идеална опција за аклиматизациона тура. Многу од планинарите го одбираат овој врв за аклиматизација поради лесната пристапност од Червинија со жичара и можноста да се изложи телото на висина од над 4000м во еден ден. Меѓутоа планот за оваа тура бил да се продолжи понатаму и да се остане подолго време на висина, па така групата се насочува во правец према исток и преку седлото беше искачен и вториот во низата врвови со исто име, централниот Брајтхорн. Лесни симптоми како мала главоболка, задишаност и замор се осетиле кај повеќе членови на групата поради наглото изложување на висина, но тоа значеше дека телото се приспособува и успева да се носи со тие предизвици како резултат од претходните припреми на локалните планини. Спуштањето продолжи кон исток, во подножјето на останатите врвови од веригата, до планинарскиот дом Вал д’Ајас на 3400мнв. Таму беше предвидена вечера и заслужен одмор пред предизвикот за следниот ден, врвот Кастор. Искачувањето започна со првите зраци на изгрејсонцето и веќе се почувствува влијанието од престојот на висина, немаше повеќе никакви симптоми кај никој од групата, сите беа далеку посвежи и поенергични, а искачувањето на врвот не претставуваше никаква потешкотија. Западното лице на врвот по кој серпентински се искачува до с’ртот пред врвот во голема мера потсетуваат на Североисточното лице и познатиот „жилет“ пред врвот Мон Блан поради што овај врв беше избран за припрема и аклиматизација.Спуштањето од врвот до Платото Роса од каде што со жичара групата се спушти до Червинија се одвивало во идеални временски услови со минимален ветер и прилично високи температури. По успешно завршениот прв дел од експедицијата групата се премести на француска територија, во месноста Ла Фајет, стартната точка на Трамвајот Мон Блан. Предвидени беа два дена одмор од кој едниот беше искористен за посета на култното Шамони, можеби најпознатиот француски центар на планинскиот туризам во кој се среќаваат љубители на планината од најразлични сфери како планинари, алпинисти, скијачи, планински тркачи, па и параглајдеристи (тој ден на небото над Шамони имаше преку педесет летачи со параглајдер). Во тие денови групата беше брифирана за временските прилики во деновите кои следат на планина од професионален воздухопловен метеоролог со големо искуство во планинарската метеоролошка проблематика Глигор Митковски, човекот кој во одредени временски услови може да ја направи разликата во тоа дали групата ќе оствари успешно или неуспешно искачување.Прогнозата на среќа на групата не беше сјајна, но доволно добра за да се продолжи по планот и со мали измени во термините за движење на планината да се оствари зацртаната цел. На 11ти Август со Трамвајот Мон Блан групата пристигна до Орлово гнездо (Nid d’Aigle), почетната точка за искачување по Гуте рутата на 2340мнв. Од таму патеката продолжува по карпест предел со патека која води до планинарскиот дом Тетрус каде што беше остварена пауза и припрема на опремата потребна за наредната етапа од рутата, Големиот Кулоар којшто претставува најопасниот и технички најпредизвикувачкиот дел. Најопасен затоа што за да се помине од едниот до другиот с’рт на кулоарот планинарите се среќаваат со опасност од непредвидливи одрони од камења, за потоа да се пристапи до најтехничкиот дел од патеката што планинарите го искачуваат по карпест предел каде што на места се потребни основни качувачки техники и употреба на раце. Иако со лесна качувачка оцена овај дел претставува предизвик и поради изложеноста на патеката и поради ронливата и нестабилна карпа. Патеката излегува на стариот дом Гуте кој е надвор од употреба, а преку снежен појас се оди до новиот Гуте , еден од најсовремените планинарски домови на Алпите. По сместувањето во домот, следуваше вечерата и краток одмор од неколку саати до почетокот на искачувањето на врвот. На 12ти август во 2 часот по полноќ, во две наврски од по четворица групата го започна походот кон врвот.Слаб ветер и релативно високи температури за таа висина и дел од ноќта во мала мера го олеснуваа движењето по стрмните патеки кои водат до засолништето Валот на 4400мнв. Кратки паузи главно за вода и мал одмор го крепеа моралот на групата која знаеше дека добро се движи, успешно го совладува предизвикот и со секој чекор е се поблиску до остварувањето на целта. Над Валот патеката добила видоизменета форма по неколкуте лизгања на глечерот од пред две години, па за некој што качувал претходно тоа би изгледало како сосема друга планина. Огромните процепи и пукнатини даваат чувство на стравопочит кон планината и неизвесност кон опасност која демне во секој момент дури планинарите престојувале таму. На седумнаесет минути после седум часот наутро првата наврска од четворица ги оствари првите чекори на врвот со видно воодушевување и радост. Неколку минути подоцна пристигна и втората наврска, па радоста споделена како што велат стана уште поголема. Следувало сликање со државните и клубски знамиња, меѓусебно честитање, па и некоја песна. Меѓутоа качувањето на врвот претставува само половина пат од остварувањето на целта.. крајот на турата е почетната станица на Трамвајот во Ла Фајет, па така почна спуштањето надолу. Вториот ден беше предвиден за враќање во домот Гуте и одмор по напорното ноќно искачување на врвот. Групата ја помина рутата во пократок временски период од предвидениот, па имаше доста време за одмор, слободни активности, дружба и друштвени игри се до вечерата во 18:30ч. После тоа за успехот се наздрави со чаша црвено француско вино (некој со пиво) по што следуваше долга ноќ за спиење затоа што почетокот на движењето наредниот ден беше планирано наутро после изгрејсонце.Третиот ден донесе нов предизвик во облик на снег кој наврнал ноќта и ја покрил патеката од Големиот Кулоар, па тоа го отежна и успори движењето надолу, но воопшто не ја наруши позитивната енергија на групата предизвикана од успехот претходниот ден. Преминот преку Големиот Кулоар на денот на спуштањето беше малку загрижувачки поради зголемената активност и честите одрони на мешавина од ситни камчиња и замрзнатите топчиња мраз од градот кој врнеше ноќта претходно. Кратки прозори од неколку минути на мирување му даде шанса на групата во неколку наврати да го помине тој дел од патеката безбедно и без никакви несакани последици. Следуваше кратка пауза на терасата на домот Тетрус за потоа да се продолжи со спуштање до Орлово гнездо. Ретките линии на Трамвајот поради реновацијата на последната станица го продолжи спуштањето на подолната станица Мон Лашат каде што во последен момент групата го стигна трамвајот во поаѓање. Прекрасните пејсажи и лицето на Гуте рутата се менуват низ прозорците додека се возите во модерните кабини на новиот трамвај, а сликата пред истиот на крајната станица дава чувство на исполнетост и олеснување дека се поминало како што треба и турата е успешна. Последната фаза беше сместување во градчето Саланш и последен ден предвиден за одмор пред напорното патување кон назад. Патувањето беше накратко прекинато на италијанските плажи на Лидо ди Јесоло каде што групата се почасти со мала релаксација во северните води на Јадранот и задолжителна дегустација на италијанска пица и еспресо. На 15ти август во утринските часови групата пристигна во Битола. За некои беше прва експедиција на Алпите, за некои можеби најубавата од повеќе, но дефинитивно едно големо достигнување за сите планинари. Четири врвови над 4000мнв во пет дена.. не е мала работа. Учесници на турата: беа: ПСК Ѓорѓи Наумов: – Михајло Костов – Благојче Караколев – Никола Петровски – Тони Лозановски – Дарко Митревски – Филип Стојчевски ПСК Пелистер: – Горан Дамевски ПСК Копанки: – Ана Котевска Спонзори на турата: – Општина Битола – Де-Ло Хигиена – Никс – Кафе Портал – Хемометал – Рек Битола – Хардкор – БВ Инжинеринг – Снежана Симјановска Секулоски.

Фотографии и информации: ПСК Ѓорѓи Наумов

Related Articles