Филмот и модата заедно создаваат визуелни приказни што остануваат во колективната меморија. Креативен Ден, настанот кој стана препознатлив македонски бренд, продолжува да биде сцена каде младите дизајнери го добиваат својот глас, а креативноста се претвора во искуство што се гледа и памети. Повеќе од 30 тимови од девет средни училишта и девет градови, ќе учествуваат во петтото јубилејно издание на овој уникатен едукативно-креативен моден настан, каде што младите дизајнери работат рамо до рамо со професионален дизајнер-ментор и Дама која ја носи и презентира нивната креација на ревијата.
Листата на дизајнери ментори е поголема од минатата година и дел од истата се: Никола Петровски, Андреј Ѓоргиевски Папаз, Благој Мицевски, Мартина Андреевска која штотуку дипломираше на Инситутот Изет Цури, Христијана Голубовиќ – Hristijanaclothingbrand, Ирена Стојановска, Александар Ортаковски- моден бренд ТАО, Мирјана Момировска, Лили Кадинска- студио Ле Бранд, Снежана Петровска, Бети Дрогришка (оддл. за прототипови во Брејнчајлд), Боркица – Атеље „Angeles“ (која беше дел од стилистите на пејачките на музичкото шоу Ѕвезде Гранда), Анастасија Зулевска, Муамед Маликовски, Маја Андревска-MAYA, Моника Ангелевска – МОНСОЛО Ресен, Весна Божиловиќ- ZARYA ethical style. Тука се и професорките од училиштата учесници оваа година од Битола, Штип, Богданци (2 тима), Скопје, Виница.
Оваа година, професорите од текстилно-модните училишта ја зададоа темата „ФИЛМ“. Колку се сериозни во пристапот,говори податокот што комплетно ја истражуваат филмската тематика пред да го започнат процесот на креирање. Интересни теми и уште поинтересни креации чиј финален производ ќе го видиме на 28.април во Битола, во Битолскиот театар.
Па така дизајнерот Александар Ортаковски со ученичката Маја Автаровска работи на креација инспирирана од филмот Clash of the Titans, модел ќе им биде Марија Галевска. Филмот Malèna со Monica Bellucci е инспирацијата за професорката Кате од Скопје, пред се затоа што дава повеќе длабоки инспирации за жената — не само за изглед, туку и за внатрешна сила, достоинство и самодоверба.
„Неколку главни пораки што филмот ги пренесува: Самодоверба и достоинство, жената може да биде силна без да мора да се брани со агресија — понекогаш тихото достоинство зборува најгласно.Женственост како сила. Ликот покажува дека женственоста не е слабост. Начинот на кој се движи, се облекува и се носи со себе покажува дека елеганцијата и сензуалноста можат да бидат форма на моќ. Главата инспирацијата е дека жената не треба да живее според туѓите мислења“, истакнува Кате и додава: „Вистинската вредност не зависи од мислењето на другите. Филмот потсетува дека жената треба да ја задржи својата вредност, карактер и идентитет, без оглед на општествениот притисок. Инспирацијата од Malèna е комбинација од: елеганција, достоинство, внатрешна сила, независност од туѓите осуди, издржливост во тешки ситуации“.

Професорката Сузана од училиштето од Виница организираше и средба со модната дизајнерка Александра Филипова и учениците од СОУ,,Ванчо Прке“, Атина Стоименовски и Андреа Стоименова. За Моника Ангелевска од МОНСОЛО Ресен, инспирација е актерката Одри Хепбурн и нејзиниот стил, а ќе работат модел што ќе биде рачно насликан. Креативен Ден 2026 носи и значајна новост: организаторот обезбедува материјал за сите тимови, со поддршка од текстилни фабрики, а покрај тоа оваа година за прв пат ќе биде доделена и награда. Како и секогаш, во првите редови ќе седат респектирани модни дизајнери, познавачи на модата, претставници на институции и општествени личности. Меѓу поканетите гости се и Почесни конзули, како и Претседателката на Република Македонија, кои ја препознаваат важноста на овој проект и неговото влијание врз младите. Со овој наастан се креира фер креативна работна клима за младите идни дизајнери, затоа што дизајнот и естетиката се основен елемент во современото живеење. Тимот на КД не застанува со дополнителни изненадувања, така оваа година го внесоа и КОНКУРСОТ (со ЕАМ Штип – наш реномиран текстилен комбинат) кој е силен бустер за креативците да излезат во јавност.

