Наградуваниот македонски документарен филм „Медена земја“, се прикажа на Филмскиот фестивал за жени над 50 години во Лондон, (односно, WOFF) во црквата Сент Мери.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска изрази задоволство што британската публика имаше можност да го проследи филмот:
„За планираната проекција на филмот дискутирав со директорката на овој престижен лондонски фестивал Нула О’ Саливен, при мојата неодамнешна посета на Велика Британија, која ме информираше дека фестивалот има за цел да ги афирмира повозрасните жени на екранот и зад камерите. Со прикажувањето на ова филмско остварување, се афирмираше македонскиот филм и женскиот бран во македноската кинематографија, а протагонистката Атиџе испрати моќна порака од која е преточена длабоката мудрост за балансираниот пристап на човекот кон природата и за зачувување на биодиверзитетот“.
Посетата беше по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетото Кралство.
„Радува фактот што во македонската кинематографија многу жени започнаа сериозно да се занимаваат со оваа уметност, а дел од нив се: Марија Апчевска, Тамара Котевска, Елеонора Венинова, Дина Дума. Тие се еден вистински нов, женски бран во македонската кинематографија и тие полека, но сигурно ги освојуваат европскиот и светскиот културен простор како дел од селекцијата на многу престижни филмски фестивали“, рече Костадиновска-Стојчевска на средбата.
Како што информира Костадиновска-Стојчевска, на фестивалот се потенцирала и тематиката која е поврзана со екологијата и предизвиците со кои се соочува планетата земја, прикажани преку дејствијата на жените над 50 години, кои се силни, храбри и инспирација за целиот свет.
Филмскиот фестивалот за жени над 50 години е поддржан и од Македонската амбасада во Лондон. По проекцијата на „Медена земја“, се одржа и панел дискусија на која учество зеде и Билјана Глигорова, вршител на работи во македонската амбасада во Лондон.