Home » Уште една во низата награди за „Ана Карењина“ на Пројковски овојпат во Александровац

Уште една во низата награди за „Ана Карењина“ на Пројковски овојпат во Александровац

by culturalchat

Со врачувањето на наградата „Златно зрно“ во Домот на културата во Александровац, заврши осмиот по ред фестивал „Буцини денови“ на кои годинава настапија пет српски театри. Сите тие во изјавите за медиумите истакнаа дека се фасцинирани од организацијата, а фестивалот во Александровац станал омилена дестинација на актерите.

Наградата „Милосав Буца Мирковиќ“ за најдобра актерска изведба Гран-при и беше доделена на актерката Марта Береш за улогата на „Ана Карењина“ во истоимената претстава според романот на Толстој во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Новосадскиот театар .

Токму со оваа претстава на сцената во Домот на културата „Милосав Буца Мирковиќ“ се отвори осмото издание на фестивалот. Овој традиционален театарски фестивал кој се одржуваше од 25. до 30. септември ги собра најдобрите театарско-сценски продукции.

Во конкуренција за „Златно зрно“  театарските претстави ги оценуваше жирито во состав: Александра Јанковиќ, Борис Миливојевиќ и Ксенија Крнајски.

Одличната актерска екипа на „Ана Карењина“ ја воодушеви александровската публика, која ги награди изведувачите со овации.

Алексеј Каренин е Атила Немет, а во улогата на Алексеј Вронцки, публиката го виде Арпад Месарош. Покрај нив, настапија плејада други актери, дел од овој новосадски театарски ансамбл: Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.Кореограф на театарската претстава е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајковски.

Оваа претстава заедно со уште една претстава на Пројковски, „Ричард трети“, беа дел од 10.издание на светската Театарска олимпијада која оваа година се одржуваше во Унгарија, а беше изведена и на годинешното „Охридско лето“.

„Ана Карењина“ досега има добиено триесеттина награди на театарските фестивали и секогаш носи преполни гледалишта и покрај тешката тема. Тука се наградите на фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“. Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.

Со одлука на стручното жири, останатите награди отидоа кај: наградата за најдобар млад актер му припадна на Александар Вучковиќ (Народен театар Белград), за улогата на Михаил Медаковиќ во претставата „Татковци и татковци“ од Слободан Селениќ, во режија на Вељко Мичуновиќ.Актерката Сена Ѓорѓевиќ ја доби наградата „Златно зрно“ за уметничката бравура во улогата на Нанка во претставата „Татковци и татковци“. За најдобра машка улога наградата му е доделена на Горан Јевтиќ, кој го играше Дин Мекмилан во претставата „Бели дробови“, во режија на Иван Вуковиќ, „Опера Театар Мадленианум“ и Агенција „Марадор“.„Златно зрно“ за најдобра женска улога и припадна на Вања Еидус, за улогата на Елизабета Медаковиќ во претставата „Татковци и татковци“.Наградата за продукција на  театарска претстава, која е во чест на продуцентот, големиот пријател на театарот, Милан Миња Обрадовиќ, е доделена на претставата „Илустрација на случајот со серија убиства со труење во Областа Чуприја во седумдесетите години на 19 век“, во режија на Анѓелка Николиќ, од „Театарот Пулс“ од Лазаревац, Књежевачко – Српскиот театар од Крагуевац, Руралниот културен центар „Марковац“ и уметничката група „Хоп – ла“ од Белград.

 

 

Related Articles